(ВИДЕО) На „местата на злосторствата“ по пеколната сезона на пожари

Додека домашните институции сè уште се резервирани околу проценките на штетите од пожарите, Европскиот информациски систем за шумски пожари објави дека годинава во Македонија изгорела иста количина шума како во претходните десет заедно

Според Центарот за управување со кризи, најкатастрофален беше пожарот на територија на општина Македонски Брод што гореше околу еден месец и изгоре квалитетна борова шума

Ништо не остана од фармата на Тони Нанев од светиниколското село Немањици. Во пожарот што го зафати селото на крајот од јули изгоре сè што создавал четири децении.

Стадото од 370 грла успеал да го спаси. Сега привремено е во дворот на соселани. Но, изгореле сите објекти, машините и сточната храна.

Тони Нанев – сточар од Немањици, Општина Свети Николе / фото: „360 степени“

„Сè. Еве овде беше храната. Три илјади бали имаше. Изгореа. 27 и пол тони жито изгоре. Буквално сè изгоре“,

изјава Тони Нанев – сточар од с. Немањици, општина Свети Николе.

Огнот дошол од ридот над селото. Зафаќајќи објект по објект, стигнал до неговата фарма.

„Преку долчето, оваа нива што е големата позади и од кај неа навака дојде.“

360: Добро, не можеше нешто да спасите некако?

„Не. Работевме со трактори, оравме, ама многу беше јак ветрот и тоа не помогна. Буквално навака навлезе и сè изгоре. Тука имаше хеликоптери, гаснеа, две пожарни, но сè беше џабе,“

вели Нанев.

Изгорената фарма на Нанев / фото: „360 степени“

Нанев вели дека надлежните биле на терен за да извршат проценка на штетата, но нема информација до каде е процесот. Тој има своја проценка.

„Вкупната штета не е под 50 илјади евра. Точно не можеш да процениш ама под 50 не е. 50 илјади евра најмалку. Кој ќе ја надомести – не знам“,

додава тој.

Вели дека ако на време биде обештетен, би можел да си го спаси бизнисот. Но, нема многу време зашто доаѓа зима.

„Ако не, мора да ја продадеме стоката. Од тие две варијанти, една ќе биде,“

вели Нанев.

Куќата на семејството Грозданови е спасена благодарение на камените ѕидови од старата куќа кои ја заштитиле новата од пламените јазици. 

„Само овие две наши куќи на вујко ми и нашата некако останаа. Другите сите изгореа. Горе кај комшиите трлото. Кај мојот комшија Слободан изгоре трактор, старата куќа, гаража и новата куќа. Беше опасна работа,“

вели Томислав Грозданов – жител на Немањици.

Морничава е сликата на селските гробишта кои се во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Горела целата околина, а самата црква е спасена.

Гробиштата во с. Немањици / фото: „360 степени“

Огнот тргнал од селото Орел, стигнал до Немањици, а оттука се проширил кон Пробиштипско и Штипско. Надлежните го сметаат за еден од најголемите во регионот. Успеаја да го изгаснат по неколку дена.

Изгоре шума која „можеби е израсната кога Македонија била под турско ропство“

На територија на Општина Македонски Брод околу еден месец дивееше шумски пожар што надлежните го нарекоа „монструм“.

Изгореа стотици хектари борова шума во атарите на селата Брезница и Тажево. Зафатен беше и мал дел од резерватот Јасен.

За да стигнеме до поцрнетиот регион, на рампата на резерватот Јасен се најдовме со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Изгорена борова шума на територија на општина Македонски Брод / фото: „360 степени“

Кратка координација за тоа што нè очекува, по каков пат ќе возиме, кои убавини и кои ужаси ќе ги видиме.

Тргнавме со теренско возило поради непристапниот терен кон кој се упатуваме.

По возењето по асфалтен пат од едната страна на езерото Козјак стигнавме до црквата „Пресвета Богородица“ и мала викенд населба. Од чардакот има фантастичен поглед на езерото, но и на планинските падини зафатени од пожар.

„Пожарот се движеше одозгора надолу. Овде изработивме појас, може да се забележи, за да не премине преку вегетацијата и да ја заштитиме викенд населбата. Со хеликоптерите бевме упорни. Гледате дека е сопрен по средината на ридот. Но, на многу места гаснењето беше неуспешно“,

рече Стојанче Ангелов – директор на Центар за управување со кризи ЦУК.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов покажува кон изгорените делови на планинските падини / фото: „360 степени“

Ова не е ништо, рече Ангелов и продолживме кон пострашните глетки. Пред нас беше околу 40 минути возење по земјен пат за да стигнеме до најоддалеченото Тажево. Дотаму како да поминавме низ пределите на пеколот. Црнила од двете страни на шумскиот пат.

Стојанче Ангелов – директор на Центар за управување со кризи / фото: „360 степени“

„Ова околу мене зборува зошто го нареков ‘монструм’ од пожар. Изгоре огромна количина квалитета борова шума. Шума која можеби е израсната уште во време кога Македонија била во турско ропство. Се работи за борови стари повеќе од сто години. На другите места низ државата имавме делови со борови што беа зафатени од оган, но ни приблично не во ваква количина. Ова е најкатастрофален пожар и сметам дека овде изгоре повеќе борова шума од она што изгоре во Малешевијата“,

смета Ангелов.

Бевме немоќни да го стопираме, вели директорот на ЦУК.

„Овде имаше повеќе од сто Унгарци, професионални пожарникари со соодветна опрема, имаше сконцентрирано голем број припадници на македонската Армија, на полицијата, специјалци од ‘Тигрите’, имаше вработени пожарикари, од Национални шуми, но повторно не можевме да воспоставиме контрола“,

рече тој.

Низ секогаш чистиот и свеж планински воздух сега на бранови мириса на изгорено. Поцрнетите борови стебла, издигнувајќи се високо над уништената околина, како да се споменици на ужасот.

Фото: „360 степени“

Почна да врне, па побрзавме кон Брезница, првото село на нашата рута.

Брезница е на околу илјада метри надморска височина. Официјално има само осум постојани жители. Куќите се бранеле од огнот со палење контраоган на сувата трева.

Дека нема правила како се распостранува шумскиот оган, особено кога има променлив ветер, говорат боите на пејзажите околу Брезница. „Во средината гледаш и во долот зелено и овде горе е зелено, не е целото изгорено комплет“, објасни Ангелов покажувајќи кон зелена планинска падина прошарана со поцрнети изгорени делови.

Фото: „360 степени“

Зошто овој пожар беше толку комплициран за гаснење?

„Шишарките кога ќе дојдат во допир со огнот летаат како огнени топки и ја палат околината. Се развива висока температура. Понекогаш водата што ја фрламе и истураме со авиони и хеликоптери се плашам дека добар дел од неа не стигнува до боровите зашто испарува уште во воздух бидејќи кога гледаме нема никаков ефект“,

вели тој.

Продолживме кон нашата дестинација Тажево. Дождот се засилуваше и движењето со возило по влажен планински терен стануваше се попредизвикувачко.

Застанавме за да ги снимиме најпогодените предели на патот. Овие глетки му предизвикуваат силни емоции на секоја што барем малку ја сака природата.

Изгореле и многу дрвени столбови за пренос на електрична енергија, па сега Тажево, кое е пред нас, е без струја.

Изгорен столб за пренос на струја / фото: „360 степени“

За кратко ги здогледавме старите куќи во Тажево, повеќето срушени. Добивме објаснување дека такви биле и претходно и дека тоа не е последица од пожарот.

Урнати куќи во с. Тажево / фото: „360 степени“

Почна да врне силен дожд, а на чардакот од куќа, која е меѓу наколкуте во кои може да се престојува, нè прибра Бобан Радески кој живее во Скопје, а потекнува од Тажево. Во моментот единствен присутен во селото.   

Бобан Радески – сопственик на викендица во с. Тажево, општина Македонски Брод / фото: „360 степени“

„Се запали од страната на Јасен. Баш тогаш кога се запали тука бев, врнеше и гром удри. Еден другар се јави и вели дај оди гасни. Син ми вели гасни таму, гори. Како гори, велам, на чардак седам, нема ништо. Мислам ме зафркаваат. Поминав натака немаше ништо. После одеднаш чад се појави на таа страна“,

рече Радески.

Индициите и на надлежните се дека „монструмот“ од пожар настанал од гром.

Тажево сега официјално има двајца жители, завиено е во црнила и има надеж дека наскоро ќе се врати зелената природа што го правела местово толку живописно.

Со што точно се соочи државата ова лето?

„Досега сме немале ваков број, но и обем и динамика на пожарите. Не само гоемиот број, туку и нивната динамика, брзината со која се ширеа. Ветрот, сувата вегетација, високата вегетација. Денешните македонски села се испустени. Во нив нема луѓе, а нема ниту стока. Вегетацијата во селата и околу селата е висока, некаде по повеќе од еден метар. Кога ќе фатат високите температури без врнежи таа се суши. Сега таа огромна количина вегетација останува во природата, многу лесно се пали“,

смета Ангелов.

Но, не е баш сè толку црно. Доказ дека природата многу брзо се обновува е свежата трева што веќе успеала да се пробие низ црнилото.

Тревата во некои изгорени предели брзо се враќа / Фото: „360 степени“

Пожарот на Галичица загрози стеноендемични видови флора и фауна

На почетокот на август пожар го зафати и Националниот парк „Галичица“. Огнот тргна од албанска територија, а потоа се префрли преку границата.

Неколку дождливи дена речиси во целост го изгаснаа. Во овој предел, познат како Стара Галичица, изгореа околу шест илјади хектари од кои околу 1,8 на македонска територија. Останаа видливи поцрнетите падини.

Изгорените предели на Галичица / фото: „360 степени“

Галичица е богата со живописна природа и убави шуми, а огнот како да се обидувал да ги заобиколи, па гореле само високите голи пасишта.

Според надлежните, зафатена била и мала површина со букова шума и ела.

Од Националаниот парк „Галичица“ велат дека опожарениот дел е со исклучителна биолошка разновидност. 

Андон Бојаџи – Национален парк „Галичица“

„Во моментов не можам да дадам точни информации дали некое од ретките растенија настрадале од пожарот. Влијание сигурно имаше пожарот, но од досегашните искуства со пожарите на овој од од Нациналниот парк знаеме дека флората по кратко време, односно релативно брзо се обновува“,

вели Андон Бојаџи – Национален парк „Галичица“.

На Галичица има 13 стеноендемични видови растенија. Тоа значи дека можат да се најдат само овде и на ниедно друго место. Има и стеноендемични безрбетни животинки што бавно се движат и настрадале најмногу.   

„Многу животински видови има. Но, на овој дел од паркот има диви кози, срни, волк, мечка. Но овие животни навремено бегаат од пожарот така што кај нив нема оштетување. Но има оштетување на живеалиштата и ќе треба некое време да помине, да се обноват живеалиштата за овие видови повторно да се вратат во тој дел од Националниот парк“,

додава Бојаџи.

Откако пожарот беше изгаснат, со денови теренот го надгледуваа членови на Планинската спасителна служба од Охрид за да спречат ново распламтување.

„Национални шуми“ се резервирани околу проценката на штетата

Од Јавното претпријатие „Национални шуми“ не сакаат сега да објават конкретни бројки за штетата врз шумите предизвикана од пожарите и за површината што е зафатена зашто проценката не е до крај завршена.

Здравко Трајанов – генерален директор на ЈП „Национални шуми“

„Добар дел од тие пожари се случија надвор од уредените шуми. Тука, нормални ние како јавно претпријатие ќе постапиме согласно своите надлежности, меѓутоа во прв момент тие површини честопати се водат како земјоделски и ќе треба да се најде соодветен начин што со нив во иднина. Што се однесува до површините што се опожарени во шума тука сме многу по чисти. Едноставно можеме со брза реакција, брза интервенција, после извештаите на инспекторите да реагираме. Ќе насочиме голем број од нашите ресурси кон тие шуми за што побрзо да ги исчистиме односно да можеме да ги, нормално, продадеме по реални цени без да ги обезвредниме па тука да немаат интерес разни бизнисмени кои би шпекулирале со тоа“,

вели Здравко Трајанов – генерален директор на ЈП „Национални шуми“.

Но, заменик-директорот, Кире Михаилов, веќе јавно кажа дека до крајот на август се пресметани штети од околу 26 милиони евра.

Од Јавното претпријатие велат дека причините за пожарите се различни, но често ги спомнуваат подметнувачите кои ги ставаат во корелација со оние што би имале ќар.   

„За жал има пресметливи луѓе кои сакаат да најдат полза во целата таа работа – од искористување на опожареното дрво, зголемување на земјоделски површини, чистење на стрништа и на делови што се деградирани со природна вегетација. Имаме ситуации во кои сточари подметнуваат пожари зашто после пожарот се јавува мека зелена трева која е интересна за сточарите. Имаме ситуации кога печуркари подметнуваат пожари поради појавата на некои видови печурки по пожарот што се јадливи. Може да се воспостави корелација. Не тврдам. Меѓутоа јасно е дека после пожарите се јавуваат некои интересни групи кои можат да најдат причина за свој бизнис во целата таа работа“,

додаде Трајанов.

Затоа директорот вели дека треба да се најдат начини да се исклучи бизнис интересот од пожарите.

„Ќе бараме решенија таа дрвна маса да не биде причина за некои бизнис интереси. Тука ќе видиме во која насока ќе одиме. Има повеќе повеќе алтернативни решенија. Не би сакал да шпекулирам. Тоа ќе е процес што ќе трае неколку години – чистење на тие опожарени места. Нормално, ќе настојуваме што е можно побрзо, поквалитетно и поголем дел од таа дрвна маса додека сè уште е во употреблива вредност да се исече, да се најде пласман за таа дрвна маса, да биде по реали цени, да не биде интерес на шпекулативни процеси, препродажби или интерес на разни интересни групи“,

вели тој.

Додека домашните институции сè уште се резервирани околу проценките на штетите, Европскиот информациски систем за шумски пожари објави дека годинава во Македонија изгорела иста количина шума како во претходните десет заедно. Низ бројки, проценките на системот се дека годинава во земјата имало 126 шумски пожари во кои изгореле 94 000 хектари. Во претходните десет години изгореле вкупно околу 100 000 хектари во 400 пожари.

фото: принтскрин

Претходно, поголеми пожари во државава имаше во 2021 година. Според Национални шуми, тогаш изгореа 12 315 хектари, а штетата е проценета на речиси 39 милиони евра. Но, овие бројки се однесуваат на уредено шумско земјиште. Тие се многу поголеми ако се земат предвид пожарите надвор од шума, деградирана шума, земјоделско земјиште итн.

Во 2023 година биле пошумени околу 120 хектари во Делчево, Берово и Куманово. Со пошумување се продолжува и годинава.

Овој процес допрва претстои по пожарите оваа сезона. Дали конечно надлежните, но и граѓаните ќе научат некоја од лекциите што ни ги зададе пеколното лето 2024?

Извор