(ВИДЕО) Мицкоски од Брисел: Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми

На средбите со челниците на ЕУ премиерот Христијан Мицкоски потенцирал дека државата не може повеќе да прифаќа ултиматуми по принципот „тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите“. Простете, додава Мицкоски, но ние такво нешто не можеме да прифатиме

Процесот на интеграција во Европската Унија да се темели на постигнувањата на земјата, а не одлучувачки фактор да бидат билатералните прашања. Ова е пораката која премиерот Христијан Мицкоски денеска ја истакнал на средбите со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во рамки на својата прва официјална посета на Брисел од почетокот на својот мандат.

Христијан Мицкоски, премиер на С Македонија / Фото: Влада

Речиси две и пол децении од почетокот на интегративниот процес, по потпишувањето на Договорот за асоцијација и стабилизација, додаде Мицкоски, земјата е жртва на билатерализација на претпристапниот процес.

„И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во коишто ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а не, пак, да зборуваме за нешто повеќе“,

изјави премиерот од Брисел.

На средбите со челниците на ЕУ потенцирал дека државата не може повеќе да прифаќа ултиматуми по принципот „тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите“.

Премиерот на С Македонија, Христијан Мицкоски и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел / Фото: Влада

Простете, додава Мицкоски, но ние такво нешто не можеме да прифатиме.

„Од друга страна ни велат дека има желба да бидеме членка во ЕУ. Мојот одговор е дека ако има желба, тогаш има и начин. Тука сме да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратегиска цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“,

изјави Мицкоски.

Додаде дека за време на ручекот со шефицата на Европската комисија некој од присутните споменал оти се потребни жртви во процесот на интеграција на Западниот Балкан во ЕУ.

„Јас потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многупати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности – променивме знаме, променивме банкноти, неколкупати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум“,

вели премиерот.

- Реклама -