Американскиот режисер Френсис Форд Копола сака да направи видео игра инспирирана од неговиот филм Апокалипса сега, и бара фановите да го поддржат во тој потфат.
Копола и група гејм дизајнери покренаа камапања на Kickstarter, која има за цел да собере 500.000 долари за игрица која, како што наведуваат, ќе биде импресивен хорор на преживување, базиран на неговиот култен филм од 1979 и еден од најважните (воени) филмови, кој зборува за психолошките последици од војната. Се одвива за време на Виетнамската војна, а е базиран на романот на Џозеф Конрад – „Срце на темнината“ (Heart of Darkness).
Режисерот рече дека сака да експериментира со нови формати, а и дека сака да го доближи Апокалипса сега до младите генерации. Дел од новиот предизвик ќе биде тоа што издавачите на видео играта нема да му ја дадат уметничката слобода која ја бара и на која е навикнат во филмските студија.
Како и филмот, и играта ќе се одвива за време на Виетнамската војна, но поентата нема да биде убивање на море од војници, како во Call of Duty, туку преживување. Играчите ќе влезат во кожата на каптан Бенџамин Вилард (Мартин Шин во филмот) – армискиот капетан кој е на тајна мисија да го најде и убие полковникот Валтер Е. Курц (Марлон Брандо во филмот), кој се крие длабоко во џунглата.
„Ќе мора да донесувате многу тешки одлуки и нема да биде јасно која е правилната одлука во дадениот момент“, објаснува Џош Сојер, гејм дизајнер и консултант на проектот.
Ако се соберат потребните 900.000 долари, играта би требало да биде завршена до 2020-та година. На првиот ден од кампањата веќе беа собрани 50.000 долари.