(Видео) Дали тимот на Заев и Венко ќе го испита случајот со Анѓушев и модуларните згради, кога една се запали и загинаа 14 лица?, прашува Манасиевски.

Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ, според кои директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, е поврзан со фирма што добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра. Како што нагласи Манасиевски, се работи за „конструкции и дезинформации“, а партијата се обидува да создаде скандал без никаква основа.

„Тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче смета дека откриваат Америка. Голема вест е дека Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ — како и илјадници други — и тоа е јавно достапен факт. Каде е криминалот? Го нема“, изјави Манасиевски.

Тој додаде дека СДСМ треба да ги проверува информациите со квалификувани лица, а не да им се пишуваат текстови од Зоран Заев во Дубаи. Манасиевски ги истакна, како што рече, „трите лаги на СДСМ“:

Прво, дека фирмата не е сопственост на Томовски и дека тој нема никаква поврзаност со нејзиното работење.
Второ, дека телефонскиот број кој се користи од компанијата не е нејзин единствен контакт, а споменатиот број е личен број на Томовски кој го користи со години.
Трето, дека донациите на Томовски не претставуваат никаква незаконитост, бидејќи се работи за јавно пријавени уплати.

„Во сите три случаи се потврдува дека СДСМ лаже“, изјави Манасиевски, кој дополнително упати обвинување дека вистинските нерешени случаи не се кај ВМРО-ДПМНЕ, туку кај нивните политички противници.

„Сега кога сме кај криминалот, го прашуваме Венко дали не е криминал тоа што, додека тој беше министер, неговиот колега, вицепремиерот Кочо Анѓушев, му изградил модуларни болници, од кои една се запали и загинаа 14 наши сограѓани? Кога тимот за борба против криминалот на Венко и Заев ќе го испита овој случај? Тоа треба да го објаснат!“, заврши Манасиевски.