(Видео) Богоев со лисици донесен во Кривичен суд

Поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, беше спроведен во Кривичниот суд во Скопје, со лисици на рацете, каде што треба да се донесе одлука за предлогот на Обвинителството во врска со мерките за обезбедување на неговото присуство во постапката.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против Богоев, поранешниот помошник-директор во овој орган, како и против две физички лица од приватниот сектор и едно правно лице. Според сомнежите, во периодот од јули 2023 до март 2024 година, при спроведувањето на јавна набавка за надворешно одржување на хигиената на граничните премини и терминали, биле вметнати ограничувачки критериуми во тендерската документација, што создало услови конкретна фирма да ја добие набавката.

Финансиската полиција тврди дека на тој начин правното лице стекнало противправна имотна корист во висина од 18.479.692 денари. Во рамките на истражувањето се анализираат и сомнежи за поткуп и посредување со цел незаконито влијание врз службени лица. Според пријавата, едно од осомничените лица користело свои контакти за да обезбеди реализација на службени активности што не смееле да бидат извршени, а наводно, биле давани и ветувани подароци и други бенефити.

Прочитајте и:  (Видео) „Спорен кров, забранет лани, повторно се користи за масовна прослава“, изјави Јакимовски.

Финансиската полиција дополнително наведува дека Богоев, во периодот од мај 2024 до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист, дел непосредно, а дел преку трето лице. Против осомничените лица се поднесени кривични пријави за „злоупотреба на постапка за јавен повик“, „примање поткуп“, „давање поткуп“ и „примање награда за противзаконито постапување“. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е задолжено да одлучи за следните чекори во истрагата.