ВИДЕО: Ана Бекута избришана од сцената во Чачак, но пееше од комбе за да заработи 40 илјади евра

Несогласие кај граѓаните по повод концертот на Ана Бекута

Синоќа на плоштадот во Чачак, српската пејачка Ана Бекута одржа концерт, но наместо позитивна атмосфера, настапот предизвика бурни реакции кај дел од посетителите. Причина за незадоволството беше финансиската сума од 4,5 милиони динари, односно 40 илјади евра, која беше одобрена од градскиот буџет за овој настан, во време кога многу жители на Србија страдаат од последиците на обилните снежни врнежи и прекини во електричната енергија.

Активистката од Чачак, Славица Петровска, во јавноста откри дека токму толкава сума била потрошена за концертот, што предизвика брзо ширење на информацијата меѓу граѓаните. Некои од нив излегоа на плоштадот за време на настапот, не да слават, туку за да покажат несогласување со, како што велат, неодговорното трошење на јавните средства.

На видеата објавени на социјалните мрежи може да се види како пејачката се соочува со свирежи од публиката. Во еден момент, таа изјави дека такво нешто не доживеала во текот на својата 40-годишна кариера. Иако немаше физичка закана освен свирежите и неколку фрлени снежни грутки, Бекута побарала интервенција од полицијата.

На крајот, пејачката го прекина настапот на сцената и продолжи да пее од комбе, но и тоа не помогна да се смири револтот. Граѓаните и понатаму ја опкружуваа, изразувајќи незадоволство со свирежи.

Реакциите доаѓаат неколку дена по ледениот дожд и снегот кој го парализираше градот, додека надлежните служби, спрема изјавите на жителите, долго време не реагираа. Во соседните Лучани беше прогласена вонредна состојба, а околу 4.000 жители останаа без струја поради дефекти предизвикани од силниот ветер и снегот. Овие околности ја заострија ситуацијата и поттикнаа огорченост бидејќи локалната власт одлучи да употреби значителни средства за прослава на Српската Нова година, додека мнозина се соочуваат со основни егзистенцијални проблеми.