Според Договорот од Преспа, кодот „НМК“ е наменет исклучиво за регистарските таблички за возилата регистрирани во Република Северна Македонија. Па, сепак, го најдовме на декларации на производи низ маркетите, наместо исправниот „МК“ или „МКД“
Царината, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Министерството за надворешни работи – сите се оградија дека имаат надлежност да следат кој код се употребува на декларациите на производите во земјава. Само Агенцијата за храна и ветеринарство даде првичен став дека неточен код значи и неисправна декларација, но откако пријавивме неколку такви случаи, го сменија ставот
Пред крајот на минатата година објавивме дека на рафтовите во македонските маркети може да се најдат производи на кои, во декларацијата, земјава не е означена со кодот МК или МКД. Наместо нив, се користат различни деривати на кратенката НМК, која согласно договорот од Преспа, е наменета исклучиво за табличките на возилата регистрирани во земјава.
Во потрага по одговори кој е одговорен да ја следи правилната употреба на кодот по дома, за ненадлежни се прогласија министерствата за надворешни работи и за економија, како Пазарниот инспекторат.
Единствено Агенцијата за храна и ветеринарство остави простор да постапува.
„Доколку се појави во било кој маркет или малопродажба производ кој има несоодветен код, кај нас значи во употреба е кодот МК, НМК или било кој друг код не е авторизиран, не е одобрен. И во тој случај, кога производот се наоѓа со неодобрен код или декларација, ние како институција, без разлика на неговите карактеристики, го сметаме за небезбеден производ. Тој производ треба да се отстрани од промет“,
изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство во тогашниот разговор со „360 степени“.
Оставивме да поминат десетина дена за да видиме дали Агенцијата ќе реагира по допрен глас, односно на нашата сторија. Тоа не се случи, па затоа на 10 јануари самите пријавивме неколку приозводи во Агенцијата – дека користат кратенка што не е авторизирана.
Такви производи, кои „360 степени“ ги најде по случаен избор низ македонските маркети, се први во пријавите до Агенцијата, бидејќи досега ниту една поднесена претставка не се однесува на употребата на меѓународниот код.
Ѝ дадовме на Агенцијата време од околу три недели за да постапи по нашите пријави. Во меѓувреме, повремено ги проверувавме пријавените производи по маркетите.
И понатаму си беа на своето место, на рафтовите, со декларации на кои пишува НМК, СМК, Н.МК и други креативни решенија наместо МК и МКД.
Откако ништо не се случи, повторно побаравме интервју од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство. Клучно, сакавме да прашаме зошто производите со спорни декларации се и натаму на рафтовите, кога тој ни кажа дека несоодветниот код е доволна основа за повлекување на производот.
„Во однос на добиените производи, она што треба задолжително да биде наведено за информирање на потрошувачите, за производите, според Законот за безбедност на храна и другите подзаконски акти, ги задоволуваат условите. Таму се јави во однос на кодовите, тој дел, се извинувам, не е во наша надлежност. Во однос на составот и сè она што треба еден потрошувач да биде информиран, да ги задоволува условите. А во однос на кодот дали е МК, МКД, СМК…, треба да се обратите до друга институција, пред сè Министерството за економија и други институции кои ги даваат тие кодови“,
изјави Бабовски сега.
До Министерството за економија се обративме при изработката на претходната сторија, на крајот на декември. Тогаш ни одговорија:
„Законот за заштита на потрошувачи во надлежност на Министерството за економија не ја уредува употреба на кодови, односно МК и МКД кодот, само ја пропишува обврската на трговецот за информирање на потрошувачот за производот или услугата што ги/ја нуди“,
се вели во ставот од Министерството за економија.
За ненадлежни се прогласија и Државниот пазарен инспекторат, Царината и Министерството за надворешни работи. Или, никој не е надлежен и ниту една државна институција не се грижи за правилна употреба на меѓународниот код по потпишувањето на Преспанскиот договор. А токму тој елемент се сметаше за еден од плусовите за македонската страна во тешкиот компромис.