Вицепремиерот Фетаи е на иста линија со Мицкоски: Меѓународна пракса е да се бара мислење од Венецијанската комисија

Тој најави дека законот за правична застапеност ќе се носи во транспаретна постапка во која ќе бидат вкучени експерти, граѓански организациите, медиумите и сите заинтересирани чинители и затоа смета оти е најдобро целата постапка да тргне од Собранието, каде би се обезбил консензус околу ова прашање

Вицепремиерот и министерот за добро владеење од редовите на коалицијата „Вреди“, Арбен Фетаи се согласува со предлогот на премиерот Христијан Мицкоски предлог-законот за правична застапеност кој треба да го замени укинатиот „балансер“ пред да биде усвоен од Собранието да биде испратен на експертско мислење во Венецијанската комисија.  

Вицепремиерот и министер за добро владеење на денешната прес-конференција / Фото: Принтскрин

Одговарајќи на новинарски прашања околу оваа тема, Фетаи на денешната прес-конференција на која го презентираше сработеното во првите сто дена од својот мандат, рече дека меѓународна пракса е за законските решенија со кои се уредува ваква област да се бара мислење од Венецијанската комисија.

„Венецијанската комисија е мехазам што ни озвоможува да гарантираме дека било какво решение се вклопува со меѓународните практики на Советот на Европа. Ако се земат предвид прашањата што ги засега едно вакво решение меѓународна пракса е да се земе мислење од Венецијанската комисија“,

рече Фетаи.  

На новинарска забелешка дека во отсуство на „балансерот“ би се создал временски вакуум од шест месеци до година дена пред да се донесе законот, министерот за добро владеење изјави дека не е загрижен за таквиот вакуум.  

Според него, важно е што конечно ќе се донесе закон за правична застапеност кој уставното правило ќе го преточи во законска обврска со контролни механизми за негово спроведување  што недостигале досега, особено со „балансерот“, кој како што кажа, знаеме дека беше многу злоупотребуван и не беше механизам кој овозможува правична застапеност. 

Говорејќи во таа насока рече дека укинувањето на „балансерот“ нема да ги запре вработувањата, бидејќи правичната застапеност е дел од Уставот. 

„Правичната застапеност е дел од Уставот, дел од амандманот шест од Уставот кој дојде како последица на усвојувањето на Охридскиот рамковен договор. ‘Балансерот’ беше алатка која овозможуваше реализација на годишните планови за вработување. Ако го имаме предвид овој факт и замрзнувањето на „балансерот“ додека да најдеме ново законско решение мора да имаме предвид дека ова важи за сите заедници, а не само за една одредена група. Ова нема да ги спречи вработувањата, ќе има вработувања според уставното правило за правична застапеност како што кажа и Уставниот суд и како што кажа и премиерот“,

изјави Фетаи.  

Истовремено тој најави дека законот ќе се носи транспаретна постапка во која ќе бидат вкучени експерти, граѓански организациите, медиумите и сите заинтересирани чинители и затоа смета оти е најдобро целата постапка да тргне од Собранието, каде би се обезбил консензус околу ова прашање.  

„За овој закон се зборуваше со години наназад. Законот доцни 22 години. Требаше да се донесе во моментот кога го усвоивме амандманот шест од Уставот. Но, важно е процесот да почне. Ќе бидат вклучени експерти, граѓани, цивилното општество, како и медиуми. Процесот ќе биде транспарентен, и секој ќе има можност да даде свое мислење, со цел да се најде најдоброто законско решение за реализирање на уставното право. Јас не сум приврзаник на избразани ад хок решенија. Имаме критики од меѓународните партнери околу носењето на закони по скратена постапка, злоупотреба на европското знаменце. Ги знаете препораките на Европската комисија и поради транспаретноста и вклучувањето на сите добро е тоа да биде еден процес кој ќе биде предводен од Собранието“,

рече вицепремиерот и министер за добро владеење. 

Прашан дали постои временска рамка кога би се донел законот за правична застапеност, Фетаи рече дека нема „кристална топка“ и оти не може да зборува за датуми, но додаде, дека постои политичка волја за да се почне со процесот.  

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека во моментов не сака да изнесува детали од законот и дека ќе остави на Собранието да го стори тоа.  

„Важно е да се истакне дека основата за правичната застапеност, како и насекаде во демократските земји е последниот попис на населението. Бројките се тука и секако дека треба да се земат како основа за правична застапеност како во секоја Европска земја“,

рече Фетаи.    

- Реклама -