Ви се чини дека ви се тресе тлото под нозете и кога нема земјотрес? Ве фаќа паника дека кај и да е ќе удри уште еден? Не сте сами и не треба да сте загрижени. Силните земјотреси може да предизвикаат подоцнежни симптоми, т.е. вртоглавици со одложен ефект.
Дури и два месеца по двата големи земјотреси во јужна Јапонија што се случија во април годинава во интервал од само неколку денови, кај стотици луѓе беше дијагностицирана таканаречена „земјотресна болест“.
Прво, префектурата Кумамото на островот Кјушу ја погоди земјотрес со магнитуда од 6.4 степени, по кој по помалку од 48 часа следеше уште еден, посилен, со магнитуда од 7.3 степени.
Експертите наведуваат дека преживеаните Јапонци од големиот земјотрес од март 2011 (Фукушима) исто така пријавиле дека страдаат од „земјотресна болест“, но дека последиците од Кјушу се подолготрајни, пред сé затоа што по главните земјотреси следеа стотици афтершокови што го потресоа регионот. До крајот на јуни, во регионот беа регистрирани над 1600 афтершокови со магнитуда од 1 степен или повеќе.
За посликовито, по големиот земјотрес од 2011, во една анкета спроведена на универзитетот Nihon во која учествуваа 3000 луѓе и деца од Токио и погодените префектури, се покажа дека дури 80 – 90 проценти од возрасните и 50 – 70 проценти од децата пројавуваат симптоми на „земјотресна болест“.
Состојбата е научно позната како пост-земјотресен вртоглавичен синдром (PEDS), а меѓу Јапонците како jishin-yoi („пијан од земјотрес“). Синдромот се карактеризира со губење на рамнотежата и кај лицето создава чувство дека доживува земјотрес и кога земјотрес всушност нема. Покрај вртоглавицата и нарушената рамнотежа, синдромот може да предизвика и напади на лошење или паника дека друг земјотрес е на пат да се случи.
Човечкиот мозок одржува рамнотежа процесуирајќи ги информациите добиени од внатрешното уво, очите, кожата, мускулите и тие од сензациите од рацете и нозете. Иако причините за појава на „земјотресна болест“ не се во целост разбрани, научниците сметаат дека се јавува кога делот од мозокот кој е задолжен за одржување на телесната рамнотежа добива екстра стрес од честите земјотреси.
Некои експерти го споредуваат синдромот со морската болест (лошење при движење), а други сметаат дека е манифестација на фобија од земјотреси. Како и да е, повеќето се сложуваат дека психолошкиот стрес и анксиозноста исто така придонесуваат во развивање на синдромот – речиси 50% од 214-те Јапонци што се жалеле на симптоми од PEDS пријавиле дека се чувствуваат депресивно или дека стравуваат дека се неврозни.
Иако има сличности, да се спореди нашава ситуација со овие земјотреси во Јапонија е малку неблагодарно. Настрана катастрофата од 2011-та, во овие од април имаше педесетина жртви и илјадници повредени, со многу срушени згради и илјадници уништени домови. Луѓето спиеја во коли, шатори и прифатилишта.
Сепак, што се однесува до синдромот, интересно е што 80% од тие кај кои бил дијагностициран биле жени. Друг интересен и важен факт е што околу 80% од дијагностицираните биле токму од групата на луѓето што живееле во коли, шатори и засолништа. Останатите живееле во своите домови.
Врз основа на тоа, научниците заклучуваат дека дека овие симптоми почесто се јавуваат кога личноста е во затворена просторија или седи, отколку кога е на отворено. Ако и вие ги чувствувате симптомите по последнава серија од земјотреси и имате чувство на вртоглавица или дека ве фаќа паника, експертите препорачуваат на кратко да излезете на отворено, да застанете со благо подраширени нозе и длабоко да вдишите неколку пати.
Причини за паника околу синдромот, пак, нема. И самите научници потврдуваат дека „земјотресната болест“ има тенденција да избледува паралелно со престанувањето на афтершоковите.