Ветерниците предизвикуваат рак, рече Трамп имитирајќи звук на турбина (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно приреди шоу, овојпат пред Националниот републикански конгресен одбор, на вечерата за собирање на предизборни средства. Дел од говорот Трамп посвети и на ветерниците, „потсетувајќи“ дека, на пример, предизвикуваат рак (иако не е вистина):

„Хилари сакаше да стави ветер… Ветер… Ако имате ветерница близу домот, ви честитам – вредноста на вашата куќа опаднала за 75%. А велат и дека бучавата (од ветерните турбини) предизвикува рак, зборувајте ми за тоа, ок?“, рече Трамп имитирајќи звук на ветерница. „Тоа нешто произведува толку многу бучава, и секако, тоа е како гробишта за птици. Ако сакате птици, верувајте дека не сакате никогаш да поминете под ветерница. Тоа е тажна, тажна глетка“, додаде тој, фалејќи се дека ѝ ставил крај на „војната против американската енергија“ и дека сега САД се број 1 производител на нафта и природен гас во светот.

Прочитајте и:  Елен Деџенерис наводно се иселила од САД поради победата на Трамп

Ваквите тврдења на Трамп беа чести пред неколку декади, кога ветерните турбини беа нова технологија. Аргументот беше дека предизвикуваат цела низа болести, вклучително и рак. Сепак, научниците одамна ги побија таквите теории. Во 2014-та, на пример, истражувањето на Националниот институт за здравје, преку анализа на низа претходни студии, утврди дека ветерните турбини можат да предизвикаат несоница, главоболка или благи мачнини кај луѓето кои живеат во близина, но секако не и нешто посериозно, како рак.

 

- Реклама -