Вестите доведуваат до страв и агресија, а ја спречуваат вашата креативност и способност за длабоко промислување. Решение? Во потполност престанете да ги конзумирате.
Автор: Ролф Добели
Во последните неколку децении, среќниците меѓу нас ги препознаа опасностите на живеењето со претеран внес на храна (гојазност, дијабетес), па почнаа да го менуваат сопствениот режим на исхрана. Но повеќето од нас сé уште не сфаќаат дека вестите се исто што и шеќерот во телото. Лесно се варат. Медиите нé хранат со мали залци од безначајни настани, ситници кои всушност не се однесуваат на нашите животи и не подразбираат размислување. Затоа и не доживуваме скоро никаква заситеност. За разлика од читањето книги и исцрпни статии во списанија (кои подразбираат размислување), во состојба сме – наспроти ваквото „добро читање“ – да проголтаме неограничени количини кратки вести, кои се чоколадни бонбони за умот. Денес имаме допрено до истата точка во однос на информациите, како кога пред 20 години бевме соочени со вестите околу храната и исхраната. (Допрва) Почнуваме да увидуваме колку вестите можат да се отровни.
Вестите доведуваат во заблуда
Земете го следниот настан како пример. Автомобил вози преку мост, а мостот се руши. На што се фокусираат медиумите? На автомобилот. На лицето во колата. Од каде доаѓало. Каде одело. Како возачот ја преживеал несреќата (ако воопшто преживеал). Но, сé е тоа небитно. Што е релевантно? Структурната стабилност на мостот. Тоа е основниот ризик кој демне, и кој демне и на другите мостови. Но, „автомобилот“ во вестите звучи важно и драматично, медиумите за него разговараат како да е личност (а не нешто апстрактно); ова се вестите со евтино производство. Вестите нé наведуваат да се движиме наоколу со потполно погрешна мапа од ризикот во нашите глави. Следствено, тероризмот е преценет. Хроничниот стрес е потценет. Пропаста на Lehman Brothers е прецената. Фискалната неодговорност е потцената. Астронаутите се преценети. Медицинските сестри се потценети.
Не сме доволно рационални да можеме да го издржиме притисокот кој медиумите секојдневно го вршат врз нас. Гледањето на авионски несреќи на телевизија го менува вашиот став кон тој ризик, без оглед на реалните статистички веројатности. Ако мислите дека ова можете да го надоместите само со силата на сопственото внатрешно размислување, грешите. Банкарите и економистите – кои се силно склони кон тоа да ги компензираат вестите кои им носат опасност – покажаа дека не можат. Единствено решение: Да се исклучиш во потполност од потрошувачката на вести, и сосема да се отсечеш од нив.
Вестите се ирелевантни
Од 10.000 новинарски приказни кои можеби сте ги прочитале во последните 12 месеци, дали барем една од нив – само затоа што сте ја прочитале – ви овозможила да направите подобра одлука околу сериозните нешта во вашиот живот, кариера или работа? Поента: конзумирањето на вести е ирелевантно за вас. Меѓутоа, на луѓето им е тешко да го признаат тоа што е релевантно. Многу е полесно да се препознае она што е „ново“. Релевантноста против „новото“ – тоа е главната битка во нашата епоха. Медиските организации сакаат да веруваме дека вестите нудат некаков вид на конкурентска предност. Многумина паѓаат на таа финта. Загрижени сме кога сме отсечени од протокот на вести. Во реалноста, конзумирањето вести ве става во незавидна положба. Што е помала вашата потрошувачка на вести – толку поголема е предноста што ја имате.
Вестите немаат објаснувачка моќ
Вестите се само меурчиња кои избиваат на површината на еден подлабок свет. Дали наталожувањето на купишта факти ќе ви помогне да го разберете светот? Нажалост, не. Релацијата всушност е обратната. Важните приказни се тие кои, всушност, се „без приказни“: лесни, моќни движења кои се развиваат под радарите на новинарите, а кои преобразуваат и оставаат последици. Што повеќе има „фактички новости“ што би сакале да ги сварите, помала ќе биде сликата која би требало да ја сфатите. Ако мноштвото од информации водеше кон поголем економски успех, тогаш и од новинарите би требало да очекуваме да бидат на врвот на пирамидата. Но, тоа не е случај.
Вестите се отровни за вашето тело
Тие непрестајно го движат лимбичкиот систем. Паничните приказни поттикнуваат ослободување на интензивни бранови од глукокортикоиди (кортизол). Овој пак го пореметува и дерегулира вашиот имунолошки систем, и спречува ослободување на хормонот на раст. Со други зборови, вашето тело се наоѓа во состојба на хроничен стрес. Високото ниво на глукокорикоиди предизвикува оштетување на органите за варење, недостаток од нормален раст (клетки, коса, коски), создава нервози и чувствителност на инфекции. Други потенцијални несакани ефекти се страв, агресија, стеснување на свеста (таканаречена „тунел-визија“) и зголемена бесчувствителност.
Вестите допринесуваат кон повеќе когнитивни грешки
Вестите се доилка на сите когнитивни грешки: тоа е предрасуда заради предрасуда. ¹ Или како што вели Ворен Бафет: „човекот е ненадминлив во тумачењето на сите нови информации на таков начин што неговите порани (веќе востановени) заклучоци остануваат потполно недопрени“. Вестите само го влошуваат, го засилуваат овој човечки недостаток. Станувате склони кон претерување, преземате неразумни ризици бидејќи погрешно ги проценувате можностите. Исто така, ја засилувате когнитивната грешка: пристрасно раскажување на приказни ² (story bias). Нашите мозоци се желни за приказни кои „имаат смисла“ – дури и ако овие не одговараат на стварноста. Секој новинар кој пишува како „пазарот се променил после X“ или како „компанијата банкротирала после Y“ е идиот. Доста ми е од овој евтин начин на кој се „објаснува“ светот.
* Confirmation bias, потврда од пристрасност – склоност на луѓето да ги фаворизираат податоците кои, наводно, ги потврдуваат нивните уверувања или хипотези; склоност кон наоѓање на „алиби“, впечаток дека секоја мисла и став имаат непроценлива потврда во реалноста
** Story bias, пристрасно излагање – приказна со која субјектот тежнее да ја претстави својата сопствена перспектива како објективна; вистинитоста на приказната во тој случај зависи од начинот на кој субјектот ја раскажува приказната, а не од објективната вистинитост на истата. Спротивно од story bias е објективна приказна
Вестите ве спречуваат во размислување
Размислувањето подразбира концентрација. Концентрацијата подразбира време, во чиј тек нема да бидете вознемирувани. „Залчињата“ вести се така посебно осмислени што вас постојано ве прекинуваат. Тие се како вирус кој го краде вашето внимание кое сте го насочиле на вашите стварни потреби. Вестите нé прават плитки мислители. Но, има и полошо од ова. Вестите сериозно влијаат на уништување на памтењето. Постојат два вида памтење со кои нашиот мозок ги меморира информациите. Она долгорочното памтење поседува скоро бесконечен капацитет на меморирање; сепак, нашата „работна меморија“ е ограничена само на одредена количина на „лизгачки“ и површински податоци. Патот од краткорочното до долгорочното памтење е тесно грло во нашиот мозок, и сé што сакате да разберете мора да помине низ таа точка. Ако е овој премин прекинат, низ него ништо нема да помине до долготрајната меморија. Згора на тоа што вестите ја пореметуваат концентрацијата, се намалува и способноста за сфаќање. Онлајн вестите оставаат уште полоши последици. Една студија на двајца канадски научници од 2001 година, покажува дека разбирањето на документи опаѓа кога се зголемува бројот на линкови кои се „патокази“. Зошто? Бидејќи кога и да се појави некој линк, нашиот мозок е приморан барем да направи избор – да не кликне на линкот – што самото по себе веќе го скренува вниманието. Веста е намерен прекин на системот.
Вестите функционираат како дрога
Како се развива приказната, така сé повеќе сакаме да знаеме „што ќе се случи понатаму“. Со стотина произволни, случајни приказни во нашите глави, оваа желба се појавува како сé поубедлива и сé потешка за игнорирање. Научниците некогаш мислеа дека густите врски формирани меѓу 100-те милијарди неврони во внатрешноста на нашите черепи се главно фиксирани и „забетонирани“ до периодот на полнолетство. Денес знаеме дека тоа не е така. Нервните клетки рутински ги разбиваат старите врски и формираат нови. Што повеќе вести консумираме, сé повеќе се и мултитаскинг површинските функции кои нервните кола на нашиот мозок ги обавуваат – притоа занемарувајќи ги оние функции кои се користат за концентрирано читање и упатување во нештата, како и длабокото размислување со голем фокус.
Големо мнозинство од потрошувачи на вести – дури и ако некогаш биле страствени читатели на книги – ја има изгубено способноста да апсорбира долги, содржајни статии или книги. Се изморуваат веќе по четири, пет страници, нивната концентрација исчезнува и тие се вознемируваат. Ова не се случува затоа што остареле или затоа што нивниот распоред на работа станал преоптоварен. Тоа е заради тоа што физичката структура на нивните мозоци во меѓувреме се има променето.
Вестите трошат време
Ако секое утро сте читале вести по 15 минути, а потоа 15 минути сте ги проверувале за време на ручекот, па 15 минути сте ги ѕирнале пред да одите на спиење – на оваа минутажа, притоа, додавате и по некоја минута тек-тук додека сте на работа, па тука да го вброиме и вообичаеното пренасочување на вниманието и вашето време – губите барем пола ден во текот на една седмица. Информацијата веќе не е ретка роба. Но вниманието е. Не сте веројатно толку неодговорни кон своите пари, углед и здравје. Па, зошто тогаш да бидете неодговорни кон вашиот ум?
Вестите нé прават пасивни
Вестите воглавно ни зборуваат за нешта на кои не можеме да влијаеме. Секојдневното повторување на таквите вести ве прави пасивни. Ова нé меле и тишти сé до степен кога усвојуваме поглед на светот кој е песимистичен, бесчувствителен, саркастичен и фаталистички. Научниот термин за ваквата состојба е „научен на беспомошност“. Ова можеби се чини како да е малку натегнато, но не би се изненадил ако конзумацијата на вести, барем делумно, допринесува за една распространета болест – депресијата.
Вестите ја убиваат креативноста
Конечно, нештата кои веќе ги знаеме ја ограничуваат нашата креативност. Токму тоа е една од причините што математичарите, писателите, композиторите и претприемачите најчесто ги даваат своите најкреативни резултати во младоста. Нивните мозоци тогаш уживаат широк, ненаселен простор кој ги охрабрува и мами да дојдат до нови идеи и со нив да продолжат понатаму. Не ми е познат ниту еден вистински креативен ум кој бил зависник од дневни вести (њуз џанки) – ни писател, ни композитор, ниту математичар, или лекар, научник, музичар, дизајнер, архитект, сликар… Од друга страна, знам куп злобно некреативни умови кои конзумираат вести како дрога. Ако сакате да дојдете до стари решенија – читајте вести. Ако сте во потрага по нови решенија, ни случајно не ги читајте.
На општеството му треба новинарство – но едно поинакво новинарство
Истражувачкото новинарство е секогаш релевантно. Ни треба известување за политиката која ги води нашите институции, откривајќи ја притоа вистината. Но важните откритија не мора да дојдат во облик на вести. Исцрпните статии и вистинските книги се исто така добар начин.
Извадок од есејот на Ролф Добели – „The Art of Thinking Clearly: Better Thinking, Better Decisions“, објавен во The Guardian