Денес е Велики четврток. Верниците дојдоа во црква. Одржуваа социјална дистанца помеѓу себе, како што се мерките и препораките на властите. Дел од нив се причестија внатре. Секој со истата лажичка.
Апелите и критиките на дел од јавноста не ги поколебаа свештените лица да ја продолжат традицијата – причесна со „иста лажичка за секого“. Иако живееме во време на опасен вирус – верата е посилна сметаат верниците. Полицајците надгледуваа дали во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ се почитува правилото на социјална дистанца. Камерите на медиумите, пак, не беа добредојдени внатре во храмот и останаа пред црковните порти. Зад нив, првите верници веќе се причестија.
„Јас немам проблем со тоа и ниеден верник нема проблем со тоа да се причести со иста лажичка. Секој којшто има познавање од верата знае како да се грижи за својот живот и за животот на другите.“
„Која би била верата наша ако се плашиме ние? Се причестив. Фала му на Бога и слава му!“, велат граѓаните.
Од МПЦ се свесни дека предизвикаа бура од реакции во јавноста со принципот „една лажичка за сите“ и во време на Корона. Сепак не отстапуваат од ставот. Доволно е што свештените лица ќе вршат воскресна литургија во сабота навечер, без да има верници верници во дворовите на црквите.
„Луѓето коишто фрлаат по Бога поготово пред причесната, еве ја носам ова мантија и не можам да си грешам душа колку сакаат нека фрлаат, но Бог е чист и е почист од сите нас. И Бог никојпат не пренесува болести туку лечи болести. Ние 2000 години се лечиме со таа причесна, па сега ќе дојдат да ни кажат они што да правиме со таа причесна? Малку нека се има исаф кога по некого се фрлаат камења,“ изјави Отец Сашко Николовски – Скопска Епархија.
Владата одби да ги нареди затворање на верските храмови за големиот христијански празник Велигден. Тоа е пропуст, толкува адвокатот Иван Лефков.
„Со член 8 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, кој гласи: со Закон може да се ограничи слободата на изразување на религија и убедување доколку тоа е неопходно во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите,“ рече Иван Лефков – Правник.
Премиерот Оливер Спасовски вчера рече дека Владата не може да ги затвори верските храмови во земјата поради пандемијата на коронавирус, затоа што слободата на вероисповест е неприкосновена.