Вештачка интелигенција ќе ја советува романската влада за тоа што сакаат Романците

Романската Влада ангажираше и денеска претстави специјален „советник“ – вештачка интелигенција која ќе ги следи социјалните мрежи и ќе ги пренесува желбите, потребите и ставовите на Романците, тврди владата.

Новиот член на Кабинетот на романскиот премиер Николае Чука, кого тој го претстави како свој „нов почесен советник“, е наречен „ЈОН“ (ION) и е развиен од истражувачи од неколку универзитети во земјата, која, патем, важи за „Силиконската долина на Источна Европа“.

„Би сакал да ја почнеме средбата со изненадување! Ова е првпат една влада да одржи состанок со советник што има вештачка интелигенција – ЈОН“, свечено изјави Чука покажувајќи кон екранот до себе, кој изгледа како огледало на кое му поставувате прашања.

По општиот вовед за министрите, екранот „оживеа“ со зборовите: „Добар ден, ми вдахнавте живот и отсега ќе ги претставувам Романците, како огледало. Што треба да знам за Романија?“.

„Романија е прекрасна земја во која живеат убави луѓе“, одговори романскиот премиер.

Како што посочи тој, ЈОН особено ќе се фокусира на виралните објави на социјалните мрежи. Според владиниот документ, ЈОН „ќе користи технологија и вештачка интелигенција за да стекне мислење во општеството, користејќи јавно достапни податоци на социјалните мрежи“, пишува Гардијан.

Прочитајте и:  Си: Вештачката интелигенција не смее да биде игра на богатите земји и луѓе

Чука, меѓу другото, потенцираше дека, според него, употребата на вештачка интелигенција не треба да биде опција, туку обврска, а со цел да се носат подобри одлуки базирани на адекватни информации.

Инаку, како што беше објаснето, романските граѓани ќе можат да ги испраќаат своите идеи преку посебен сајт и на социјалните мрежи, но нема да добијат одговор од ЈОН. Потоа системот ќе ги анализира информациите што ги добива и ќе дава извештаи за приоритетите на Романците, кои потоа ќе бидат разгледани од владата, појасни министерот за истражување и иновации – Себастијан Бурдужа, чие министерство го надгледува проектот.

Експертите, меѓутоа, предупредуваат дека таквата технологија мора да се користи со претпазливост и дека јавноста треба да биде запознаена со тоа како ЈОН ќе одлучува што е приоритет од пораките што ги добива.

Извор: МИА

- Реклама -