Како што на многумина ви е познато, од ден на ден нè има сè повеќе на планетава, а обработлива земја и храна има сè помалку. Иста е состојбата и со другите ресурси, а особено е критично со расположивите количества на вода. Бидејќи обработливите површини се користат за други цели, а највеќе за изградба на куќи и згради, површини за земјоделство речиси и нема, особено околу големите градови. Од тие причини, се бара решение и начин да се произведе што повеќе храна и земјоделски производи на што помалку земја.
Решението е на повидок и се вика: вертикално земјоделство или градење на вертикални градини слични на облакодерите и зградите, а системите се познати како VertiCrop. Компанијата Valcent Products Inc. е пионер и лидер во еко технологијата воопшто, а позната е во светот со своите истражувања и развој на одржливите и обновливите извори на производство на земјоделски производи. Воопшто не е чудно што таа е создавач и предложувач на вакви земјоделски системи во кои што ќе растат и ќе се одгледуваат растенија на ротирачки полици, поставени едни врз други.
Со ротација на полиците, не само што им се обезбедува потребното количество светлина на растенијата, туку исто така се користи далеку помалку вода отколку при конвенционалните земјоделски методи. Изненадувачки е фактот колку многу различни видови на растенија можат да се одгледуваат на овој начин во една иста вертикална градина, од салата до цвеќиња, велат од компанијата. Така растејќи тие во еко-пријателски амбиент, ја елиминираат потребата од хербициди, а со ефикасно управување на системите намалена е потребата и од пестициди! Производите се со висок квалитет и хранливост.
Овој начин на производство на земјоделски производи за храна е евтино решение за глобалните пазари, бидејќи вакви “бавчи” можат да се градат во непосредна близина на маркетите и на тој начин да се намалат транспортните трошоци. И другите трошоци се помали во однос на традиционалното земјоделство. Кај одредени земјоделски култури приносот е поголем и до 20 пати по единица површина со потрошена вода од само 5% од количината потребна при конвенционално одгледување на истите култури.
Исто така постојат и географски бенефити. Овие системи можат да се инсталираат речиси секаде без ограничување! Според некои стручни лица од оваа проблематика, вакви мини системи би можеле да се градат и по домовите, на терасите и балконите!
Проектот на вертикалните градини е раководен и поддржан од EU Valcent Limited и одобрен е за комерцијализација.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР