Сите што пишуваат (сериозни) колумни, последниве месеци всушност пишуваат на една иста тема: „Што би сторил јас да сум премиер, во врска со името“. Јас молам, драги мои, да не бидам сфатен така: јас пишувам колумни во кои ја пародирам за мене веќе целосно самопародираната политичка стварност, и затоа, ова што го пишувам е мое лаичко мислење. Затоа и колумната ми се вика „внатрешна“, а не „надворешна“. Темата, значи, не е „Што би сторил јас кога би бил премиер“, туку „Каква несреќа ќе ве снајдеше ако мене ме пуштевте да бидам премиер“. Тоа за почеток, зашто сакам чисти сметки.
Пред некоја седмица предложив да се викаме Република Небесна Македонија: така мислев затоа што тоа име не им пречи на Грците и на Европа и дефинитивно докажува дека Македонците немаат никакви територијални претензии и ЗЕМНИ посакувања, туку можат да си живеат и во воздух. Самите нека изберат на референдум: како ангели и архангели или како муви и комарци. Потоа предложив да се викаме република АРМАКЕДОН, зашто очигледно е дека нè убедија дека крајот на светот зависи од решавање на прашањето за името на Македонија (а името на ружата е – ружа, ни докажа Умберто Еко). Мојот најнов предлог е да се викаме „Република МАКЕДОНЧИЈА“. Тоа е позната финта во денешниот маркетинг, посебно во приватните NO NAME фабричиња, кои ги има во секое сокаче во Шутка, а кои прават копии-влечки „адидас“, со тоа што го користат дури и истиот „фонт“ (истите букви) на познатиот бренд, ама во графичкото решение на тоа „АДИДАС“ ќе сменат само една буква, па ќе напишат, на пример, АДИСАС. Окото, навикнато на автоматска перцепција, ќе го прочита тоа како АДИДАС: две „Д“ им отстапиле место на две „С“ и ретко кој ќе ја види измамата. И што е најважно, никој не може да го тужи газдата од Шутка за тоа, а најмалку наследниците на славниот Ади Даслер. Една буква – голема разлика, вели фонетиката, во што не треба посебно да ве убедувам: доволно е во „дипломатски кор“ да го смените „о“ со „у“, и да настане дипломатски скандал. Така, по тој ист пример има и часовници „КАССИО“ наместо оригиналното „КАСИО“. Има сешто на тој светски „бувљак“ на симулакруми и мутирани копии на славни брендови, народи и држави. Па, така, се решив и јас да предложам „МАКЕДОНЧИЈА“ наместо МАКЕДОНИЈА, воден од таа можеби неразумна „бувљак“ идеја. Вие проценете дали е понеразумна од идејата за „северен југ“ или „западен исток“ („западен Балкан“).
Второ, за едно такво евентуално име имам и научни аргументи. Не мислам само на тоа дека треба да се почитуваат логиката, семантиката, морфологијата или ортографијата на македонскиот јазик, па да се каже дека поисправно е државата во која живеат Македонци да се вика МАКЕДОНЦИЈА одошто МАКЕДОНИЈА, зашто во МАКЕДОНИЈА би требало да живеат МАКЕДОНИ, а не МАКЕДОНЦИ. Мислам и на друго: бидејќи нашата ЕВРО-политика го убеди светот дека кај нас живеат само МАКЕДОНЧИЊА, мирољубиви етно-деминутивчиња, луѓе попустливи по дух и срце, според логичката синтакса на еден Рудолф Карнап, или филозофијата на јазикот на еден Ото Јесперсен, најнормално е да се викаме МАКЕДОНЧИЈА. За тоа постои и богата традиција – „Македонче“ си постоеше најлегално и во Титова Југославија, и со тоа име не се мислеше на тоа дека ни недостига елементарна храброст за да станеме државотворен народ, туку така нè викаа од што сме мили и слатки како маченцата што ги чувал Наполеон, а кога ќе пораснеле ги давел затоа што станувале МАЧИШТА наместо МАЧИЊА. А и полесно се преживува денес во современа Европа како деминутив одошто како аугментатив: не само што малцинствата ги чуваат како малку вода на дланка, туку и подемократски е некако да си Македонче одошто Македонец.
„Македонец“ некако мириса на национализам и на она што денес некои ЕВРО-македонски свилени буби за производство на интелектуална свила, го нарекуваат „кретенски идентитет“ и пречка за една идна материјална европска благосостојба.
Целата колумна прочитајте ја на Нова Македонија