Моментално во Македонија има голем број на рестриктивни мерки, меѓу кои полициски час, забрана за групирање, задолжителна дистанца од 2 метри, носење маски или друга заштита на носот и устата, затворени се училиштата и границите, минимизиран јавниот сообраќај.
Меѓутоа, што кога рестриктивните мерки ќе олабават, аеродромите ќе почнат да примаат и испраќаат патници, кога училиштата ќе ги примат учениците? Дали државата има спремен здравствен капацитет да се соочи со евентуалниот втор пик на коронавирусот во услови кога сите животни процеси ќе продолжат по старо, односно кога мерките ќе се олабават. Ова прашање „Слободен печат“ денеска му го упати на министерот за здравство Венко Филипче.
Тој смета дека втор пик може да се очекува на есен, кога ситуацијата е можно да биде и покомплексна, заради тоа што тогаш ќе се појават и пациенти со сезонски грип и ќе мора да се третираат во истите здравствени капацитети што сега им се отстапени само на пациентите со коронавирус.
Меѓутоа, министерот е дециден, дека досега спроведените мерки, навремената реакција на здравствените власти во однос на болнички капацитети, опрема и едноставно искуството што земјава го стекна со првиот бран на коронавирусот, ќе не направат поспремни да се соочиме со евентуалниот втор.
Како што посочи доктор Филипче, дури и кога мерките ќе се олабават, здравствените власти ангажирано ќе следат, дали со олабавувањето на мерките има поголем број на пациенти со коронавирус.
-Доколку тоа се случи, веднаш ќе се реагира. Би сакал да дадам едно објаснување што очекуваме во периодот пред нас. И ние како и другите земји во светот очекуваме, и се надеваме во летниот период да има намалување на трансмисијата. Нема дефинитивен доказ дека летните месеци помагаат во намалување на трансмисијата. Но, има некои такви сознанија и луѓето се надеваат во повеќе земји дека тоа ќе влијае, иако сметам дека и очекувам на есен да има повторен пик на болеста. Вирусот нема да исчезне, тогаш може да биде уште покомплексна ситуацијата, зашто ќе имаме и други пациенти со сезонски грип кои ќе ги оптоварат истите одделенија што сега ги третираат овие пациенти со Ковид 19. Не само ние, туку целиот свет ќе биде поспремен при следниот пик, зашто знаеме што да се очекува, сериозно ќе се припремиме во периодот кој следува. Ќе распределиме здравствени работници, капацитети, опрема. Ситуацијата ниту ќе биде, ниту може да биде онаква каква што беше на почетокот на епидемијата, кога никој не го очекуваше ова, објасни министерот.
Tој додаде дека во меѓупериодот, надежите на сите земји се дека бројот на пациенти со Ковид 19 ќе продолжи да опаѓа.
-Но, кога ќе ги олабавиме мерките, ќе следиме дали можеби во тоа време се зголемува бројот на пациенти. И ако е така, тогаш дури и во летните месеци некаква рестрикција ќе треба да се воведе. Засега не знаеме, ама останува да следиме, да правиме анализи, да видиме дали и други фактори влијаат на ширење на вирусот, објасни Филипче.
Попладнево, истакна Филипче, премиерот на Грција најави како ќе работат нивните хотели во текот на летните месеци и дека ќе се отворат границите и ќе има патувања. Но, прилично сум сигурен, дека ќе има мерки.
Целиот текст тука