Фејсбук статус на инфектологот проф. д-р Вело Марковски
СЗО лидер во справување со инфективни болести или политичка организација
10. Многу пати од СЗО посочуваат дека на есен се очекува втор бран, сметате ли дека навистина може да се очекува вториот бран?
СЗО многу пати за време на оваа пандемија со КОВИД-19 не е на висина на задачата и улогата која им е наменета за лидерство и кординација во светот. Поради низа контрадикторности од нивна страна (без разлика за дали е тоа поради малиот број на експерти во нивните редови или некоја друга причина) се изгуби довербата кон СЗО и сигурно е на најниско можно ниво досега. Тоа само по себе не е добро, и во моментов сме без добар лидер во справување со пандемијата со КОВИД -19. Веројатно во овие месеци ќе беше најдобро да не се блокира работата на СЗО, туку под итно (веќе требаше да се направи) кадровски да се освежи, на раководните места да дојдат нови луѓе и да се кооптираат поголем број на експерти од различни региони во светот. Враќањето на довербата кон СЗО е неопходна, само добар лидер ослободен од било какви сомнежи за бизнис инволвираност ќе помогне за справување со пандемијата со КОВИД-19.
Ова е мојот став за СЗО на прашањето за порталот „Магазин.мк“ од интервјуто од 26.6.2010 година, а во истото најверојатно поради немање простор одговрот на ова прашање не беше објавен.
Би сакал да споделам неколку мои размислувања за досегашната улога на СЗО во справувањето со КОВИД-19. СЗО е основана од Обединетите нации во 1947 година со цел организирано и доктринарно справување со болестите во светот. Неспорна е улогата на СЗО во справување или подобрување на состојбата со многу болести, состојби или појави кои влијаат на здравјето на човекот.
Инфективните болести се голем проблем за здавјето по човекот, и тука СЗО има забележителни резултати во ерадикација на некои болести (Вариола вера, полио, дифтерија…) и намалување на последици (морбили, беснило, тетанус, лепра, колера, туберкулоза…). Има болести за кои и покрај напорите нема постигнато успех. Таков е примерот со маларија за која многупати СЗО носи петгодишни планови за ерадикација на маларијата во светот, но досега нема успех. Се чини најголем неуспех на стратегиите на СЗО за справување со некоја болест е справување со ХИВ/СИДА каде нема скоро никаков успех во намалување на бројот на новоинфицирани, иако секоја година се двојат по околу 20 милијарди евра (долари) од страна на СЗО за справување со оваа состојба во светот (околу 6.000 новоинфицирани дневно и исто толку умрени дневно во светот, на годишно ниво околу два милиона).
Во моментов СЗО брои околу 7.000 вработени, со моќни ресурси и големо влијание, што ја прави една од најмоќните организации во светот. Притоа барем за мене се нејасни механизмите на отчет и одговорност за сработеното за потрошените средства, и уште поважно, за последиците врз светското здравје и економија од преземените активности и предложените мерки на СЗО (кои по правило се прифаќаат од сите држави).
Од почетокот на пандемијата со КОВИД-19 следиме бројни контрадикторни ставови од страна на СЗО кои доведоа до недоверба кон нив, а уште поважно, доведоа до зголемување на паниката кај населението во светот. Последниот став од страна на СЗО за прифаќање на петицијата од страна на 239 научници од светот за воздушно пренесување на вирусот на САРС-ков 2 само потврдува дека вакво СЗО не може и нема капацитет да се избори со пандемијата со КОВИД-19. Се отвараат бројни прашања:
Прво, светот следејќи ги препораките на СЗО (кои на моменти беа на ниво на закани) се наоѓа во една состојба во каква досега не се наоѓал, во состојба на изолација, економски колапс со веќе потрошени милиони милјарди долари, и загуба на голем број на животи. Сега СЗО признава дека нивните препораки (дека вирусот се пренесува на растојание од 1 метар, различно од ставот на ЦДЦ центарот дека вирусот се пренесува на растојание од 2 метри) не биле базирани на научни докази туку биле нивна идеја, фикција, моментален одблесок. Логично е сега сите држави да побараат одговорност и некаков вид на репарации од страна на СЗО.
Второ ако петициите се решение на проблемот КОВИД-19, тогаш зошто не се прифатеше ставот на нобеловци за природата на вирусот. Требаше ли ставовите на нобеловците да бидат поткренеи со петиција на пример од 564 научни работници. Зошто на СЗО му е потребна петиција за спроведување на стратегија (као што мене не ми е јасно зошто вработена во еден од центрите на СЗО е главен кординатор на петицијата упатена до СЗО).
Поради сево ова мислам дека на светот како никогаш досега му е потребен лидер за заедничко кординирано справување со пандемијата со КОВИД-19. Создавање на нова организација е неможно за краток период, блокирањето на работата на СЗО исто така ќе има катастрофални последици. Како најбрзо и најквалитетно решение за мене е промена на одговорните и раководните луѓе во редовите на СЗО со експерти од областа на респираторни инфекции, кои со вистински мерки, мерки базирани на досегашните утврдени научни ставови и правила ќе ја вратат довербата и ќе помогнат за што побезболно справување со КОВИД-19.