Вечерва на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар Скопје, гледачите прермиерно ќе ја гледаат претставата „Драми на принцезите“.
Циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“, со поднаслов „Смртта и девојката“, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува, истакна режисерката Жива Бизовичар во програмската книшка на претставата.
Во уметничкиот тим што работеше на претставата е тричлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Режијата е на Жива Бизовичар. Прв драматург е Ник Жнидаршиќ, а втор драматург и редакцијата на превод е на Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимограф е Александар Ношпал, а дизајнот на светло се на Жива Бизовичар, Јан Крмељ и Ник Жнидаршиќ. Сликар-изведувач е Ѓорѓи Ѓорѓиевски. Музичко-вокален консултант е Ива Дамјановска, а фотограф Стефан Стамандов.
Ликовите ги играат актерките на Драмски театар Скопје – Снежана: Јелена Жугиќ, Ловецот: Нина Елзесер, Трнорушка: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Принцот: Сара Климоска, Џеки: Трајанка Илиева-Вељиќ, Силвија: Ивана Павлаковиќ и Ингеборг: Јасмина Василева.
–