Прозевањето е една од најбизарните биолошки функции кај луѓето и кај животните. Сеуште не е сигурно зошто го правиме. Како и да е, најчудното нешто кај оваа појава е тоа што е заразна. Само еден аудио или визуелен контакт, но и самото читање за прозевањето, најчесто води кон несопирлив нагон да го направиме истото. И не е само тоа; шансите се поголеми да не „префати“ ако оној што се прозева ни е близок, отколку ако е странец.
Кај луѓето, заразното прозевање позитивно се поврзува со емпатијата, способноста да сочувствуваме со други луѓе и живи суштества. Отсуството пак, предупредува на задоцнет развој кај децата.
Но што е со животните? Дали се и тие способни за емпатија?
Ова е тешко да се провери, поради фактот што не можат да ни опишат со зборови како се чувствуваат. Сепак, неколку обиди се направени со цел преку заразното прозевање да се утврди присуството на емпатија кај животните, макар во основна форма. Досегашните студии покажуваа контрадикторни резултати во однос на тоа дали кучињата се прозеваат заразно и дали кога се прозеваат тоа е поради стрес, можеби, а не емпатија.
Сепак, новото истражување на Тереза Ромеро и колегите од Универзитетот во Токио покажа дека не само што и кај кучињата зевањето е заразно, туку и дека стресот не е причината. Згора на тоа, како и луѓето, кучињата почесто зеваат околу некој со кого се емотивно поврзани.
25 кучиња учествувале во студијата, гледајќи го прозевањето на својот заштитник, а потоа и на странец. Монитор за срцев ритам го мерел нивото на стрес. Над половина од кучињата се прозевале заразно, а прозевањето било пофреквентно кога зевал нивниот сопственик. Немало значајни разлики во брзината на работење на срцето, со што научниците го отфрлаат стресот како фактор. Со ова се докажува дека емотивната врска меѓу луѓето и кучињата е многу посилна отколку што мислевме.
Следниот пат кога ќе се запрашате колку вашата девојка, другар или куче ве сака, упатете им едно добро и долго прозевање.