Следните години Русија ќе ја засилува својата воена присутност на Арктикот, соопшти рускиот министер за одбрана – Сергеј Шојгу. За Русија, вели тој, тоа подрачје е стратешки многу важно.
„Во 2019-та ќе завршиме со изградбата на инфраструктура, со цел да поставиме радари за противвоздушна одбрана и точки за наведување на авиони на островите Severny и Wrangel, како и на ‘ртот Schmidt, кои се руски подрачја на Арктикот“, рече Шојгу во говорот одржан во Министерството за одбрана.
Шојгу додаде и дека е довршена изградбата на инфраструктура за прифаќање на воен персонал во повеќе воени бази на Арктикот, како и дека воениот аеродром во Мурманск е вратен во употреба.
Важна локација
Арктикот е подрачје во кое развојот е најважен за Русија. Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати престојуваше во тој дел од земјата, а во декември 2017-та се заложи и за „индустриска валоризација на Арктикот“, со цел вадење на суровини. „Руското богатство лежи во Арктикот“, порача Путин тогаш.
Русија настојува да ја засили и својата воена вооруженост на тоа подрачје. Руската војска исто така го засили своето делување и врати во употреба неколку аеродроми кои беа напуштени по распадот на Советскиот сојуз.
Руското министерство за одбрана лани соопшти дека во последните пет години на Арктикот се откриени 11 нови острови и 6 теснеци. Тоа се само дел од информациите кои ја инспирираат Русија да ги зголеми претензиите на тоа спорно подрачје со површина од 1.2 милиони квадратни километри, за кое во 2015-та од ОН побара да биде под нејзин суверенитет.
Москва се надева да го искористи и преминот Север – Исток, кој преку Арктикот го поврзува Атлантскиот со Тихиот океан, а би требало на Русија да ѝ ја олесни доставата на јаглеводород во југоисточна Азија.