Василев: Со својата одлука Радев се прогласи за бранител на „Газпром“, но тоа нема да ја спречи новата такса за пренос на гас

Бугарскиот претседател Румен Радев поднесе жалба до бугарскиот Уставен суд за таксата за пренос на природен гас, но тоа нема да го спречи спроведувањето на законот, изјави пред новинарите бугарскиот министер за финансии Асен Василев, додавајќи дека првите приеми ги чека на 14 ноември.

Сите земји кои ја користат мрежата за пренос на гас мора да докажат дали овој природен гас е руски или не, подвлече тој.

„Претседателот не го штити националниот интерес, барем не како јас што го разбирам. Со својата одлука Радев се огласи како бранител на ‘Газпром’“, обвини Василев.

„Одлуката е насочена против политиката на Бугарија и нејзината влада и е срам за претседателската институција“, рече министерот за финансии.

Според него, данокот не го поскапува природниот гас на Србија, Северна Македонија и Унгарија, туку само го намалува профитот на „Газпром“.

Националната агенција за приходи и Царинската агенција можат да применат мерки на претпазливост доколку „Газпромекспорт“ одлучи да не плати. Има банкарски гаранции според договорите со „Газпромекспорт“, но Бугарија не може да го запре трансферот на природен гас, прецизира министерот.

Прочитајте и:  ЕУ размислува да го замени рускиот течен гас со американски гас, објави Урсула фон дер Лајен

„Од 2009 до 2020 година ‘Лукоил’ кај нас објави загуба од 1,822 милијарди лева, за 2021 година добивка од 170 милиони лева, а за 2022 година добивка од 404 милиони лева. Од почетокот на годината ‘Лукоил’ платил даноци во износ од 154 милиони лева. До 31 октомври мора да се платат сите авансни солидарни придонеси и да се платат најмалку 90 отсто од долговите“, рече Василев.

Бугарија годинава од „Лукоил“ треба да добие вкупно околу 400 милиони лева, вклучувајќи ги и веќе платените 154 милиони лева.

Извор: БТА / МИА (согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални информативни агенции)

- Реклама -