Вестите околу „нон-пејпер” за промена на границата меѓу Србија и Косово и на нив слични – не се вистинити, истакна денеска во Тирана еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Интересно е што таквите вести цутат како пролет и предизвикуваат толку интерес, иако сите се убедени дека се лажни, оцени тој, посочувајќи дека доколку истите би биле вистинити – би биле и вознемирувачки, бидејќи, како што рече, „сите знаеме кон што нѐ води повторното одбележување на границите“. Според него, никој сериозен не би ставил такви идеи на маса за расправа, особено не во овој регион.
Еврокомесарот потенцираше дека ЕУ не се согласува со ниту дел од наводните „нон-пејпери“, а и изрази увереност дека она што се лиферува не се вистински и реални идеи. Во овој момент, ЕУ е ангажирана како да го помогне прогресот на Западен Балкан, да ја аплицира новата методологија во преговорите со Србија и Црна Гора и да постигне успех меѓу Белград и Приштина, истакна тој, пренесува „Топ Чанел“.
Албанскиот премиер Еди Рама, пак, истакна дека неговата визија за Балканот е јавно позната и дека се движи во насока на регионален Шенген. Според Рама, балкански Шенген е единствениот пат по кој регионот треба да оди, со цивилизирани дискусии за сите недоразбирања. Истиот е поддржан и од ЕУ, додаде тој.
„Конфликтите ни донесоа уназадување, а не напредок“, заклучи Рама.