Ванковска: Во одбрана на бојкотот

Како се приближуваат претседателските избори, така од друштвените мрежи станува сè појасно дека дел од граѓаните се решени на бојкот. Мотивот, како што самите објаснуваат, е да не се даде легитимитет на новото име на државата, кое според нив е наметнато заедно со Преспанскиот договор.

Од друга страна, иако во значително помала мера споредено со референдумот за името, барем засега, се чини дека повторно се фрла „со огин и пламен“ врз бојкотот како индивидуално право на секој гласач. Неодамна, на пример, Демократскиот сојуз, на чело со Павле Трајанов, го прогласи евентуалниот бојкот на вториот круг на претседателските избори за „антидржавен чин“:

„Во пресрет на претседателските избори и најавата за определување на датум за започнување на пристапните преговори за влез во Европската Унија, се наметнуваат неколку приоритети за кои е неопходен политички консензус:

1. Создавање на услови за одржување фер, демократски и чисти претседателски избори, како гаранција за успешност на изборите.

Во оваа насока мора партиите и коалициите кои стојат зад претседателските кандидати да преземат одговорност дека ќе опстојат во изборниот процес, во спротивно, треба да понесат политичка и друг вид на одговорност.

Бојкот на изборите во вториот изборен круг ќе значи антидржавен чин со катастрофални последици за иднината на државата…“, порачаа од Демократскиот сојуз.

На ова реагираше професорката Билјана Ванковска. Како што објаснува таа, иако воопшто не се согласува со идејата за бојкот на изборите, сепак е важно да се застане во одбрана на правото да се бојкотира:

„Сигурно мнозина ќе бидат зачудени дека излегувам со став во насока на одбрана на правото на бојкот, кога знаете дека мојата сегашна позиција е активен отпор преку гласање за извонредна личност и со собирање на широк опозициски фронт.

Но, тукушто наидов на став на Павле Трајанов дека бојкотот на изборите е антидржавен чин!!! Ова може да излезе само од човек со авторитарна, полициска ментална матрица! И или е глупав (вака кажува дека Пендаровски е слаб и нема поддршка кај граѓаните) или има намера да предизвика гнев кај граѓаните (па од инает да не гласаат, и така да поддржат некоја нивна коалициска математика).

Да се разбереме:

1) Гласањето на изборите, според нашиот устав и законите, е само ПРАВО, а не и должност (како, на пример, во Грција).

2) Државата (институциите) постојат заради граѓаните, а не обратно!

3) Апстиненцијата од избори е политички став и тој мора да се земе сериозно во предвид од политичарите.

4) Да тврдиш дека негласањето е чин против државата е непочитување на човековата слобода и на фактот дека граѓанинот слободно одлучува дали и кому ќе ја даде својата доверба, т.е. легитимитет за вршење на власта.

5) Зборување за антидржавeн чин во ваков контекст e фактичка закана и застрашување.

6) Уставниот систем си има предвидени механизми токму за ситуации на неуспешни избори или прекин на мандат на некој носител на функција. Вакуум во вршењето на власта не настанува дури ни во случај на воена или вонредна состојба. Затоа бојкотот е право на граѓанинот (без оглед што јас ја сметам за погубна и непродуктивна таа опција во дадениот политички миг, но тоа е друга тема).

7) Јас силно не се согласувам со бојкотирачите, но ќе го бранам нивното ПРАВО да бојкотираат! Никој не смее да се заканува и да врши принуда, од позиција на власт, врз слободните граѓани, и да ги нарекува антидржавни елементи. Вистина е дека од Бојкотирачите со денови доживувам највулгарни напади (за личните разочарувања и да не зборувам), ама овде станува збор за елементарен принцип! Бидејќи, оној кој денес ќе го оквалификува бојкотот за антидржавен чин, утре може лесно да заклучи дека правото на избор е антидржавен чин, па во име на „повисокото добро“, на државата која е поважна за нив од граѓаните, ќе може да казнува за погрешно гласање – или сосема да ги укине изборите (за да државата биде безбедна од своите граѓани)! Така е тоа во полициски држави: бивши цајкани стануваат политичари и потоа командуваат со слободната граѓанска волја!“, пишува Ванковска на Фејсбук.

- Реклама -