Менаџерот на Манчестер Јунајтед, сер Алекс Фергусон, има причини да биде загрижен по квалификациските натпревари за СП 2014, затоа што двајца негови големи адути на „Олд Трафорд“ се враќаат повредени.
Робин ван Перси поради повреда на бутниот мускул беше порано повлечен од игра на мечот меѓу Унгарија и Холандија, а исто така и Шинџи Кагава влече повреда.
„Го повлеков Ван Перси од игра затоа што не сакав уште повеќе да се искомпликува неговата повреда. Се пожали на болки во мускулот и само поради тоа доби поштеда во вториот дел. Мислам дека не е ништо сериозно, но прегледите ќе дадат точни информации за неговата повреда“, изјави селекторот на Холандија, Луј ван Гал.
Ван Перси веднаш се врати на „Олд Трафорд“ каде што денеска заедно со Шинџи Кагава ќе мине низ детални лекарски прегледи за да се утврди нивото на неговата повреда. Евентуалното отсуство на холандскиот ас би претставувало огромен проблем за Сер Алекс Фергусон, во ситуација кога тој поради повреда не може да смета ниту на Вејн Руни.