Навивачите на Манчестер Јунајтед имаат причина за задоволство откако најтрофејниот англиски клуб синоќа објави дека постигнал договор со Арсенал за трансферот на Робин ван Перси.
Алекс Фергусон веќе подолго време се обидуваше да го доведе најдобриот стрелец на „Топчиите“ во своите редови, но проблем претставуваше одбивањето на Арсен Венгер да го продаде својот најдобар играч на лутиот ривал од Премиер лигата.
Сепак, по состанокот „во четири очи“ меѓу двата клуба недоразбирањата биле надминати, а откако Венгер увиде дека ниту еден друг клуб не нуди повеќе пари од Јунајтед, сепак даде зелено светло за трансферот.
„Со задоволство можеме да објавиме дека постигнавме целосен договор со Арсенал за трансферот на Робин ван Перси. Останува само уште фудбалерот да ги мине лекарските прегледи за трансферот да биде комплетиран“ се вели во клупското соопштение на Манчестер Јунајтед.
Англиските медиуми објавија дека овој трансфер ќе ги чини „Црвените ѓаволи“ 30 милиони евра, значителна сума за Арсенал со оглед на фактот дека Ван Перси имаше само уште една година од актуелниот договор со „Топчиите“ и склоност кон повреди.
Холандскиот голгетер веќе ги има договорено деталите од договорот со Јунајтед за неделна плата од 200.000 евра, па утре веднаш по минувањето на лекарските прегледи и официјално ќе стане нов член на Манчестер јунајтед.