Валден: Улогата на Бугарија во Втората светска војна не е билатерално прашање

„Бугарските националистички позиции кон македонската нација, јазик и историја потсетуваат на соодветните позиции на грчкиот национализам и влијаат врз јадрото на националниот идентитет на нашиот соседен народ. Деконструкцијата на овој идентитет би имала катастрофални последици за кохезијата на Северна Македонија и за стабилноста во регионот, со можен развој на поделбата на земјата на бугарска и албанска сфера. Како Северна Македонија ќе го дефинира својот национален идентитет и како ќе ги реши своите разлики со Бугарија е нејзино прашање. Сепак, некои аспекти на ова прашање се интересни за нас, како Грци и Европејци“, пишува Аксел Сотирис Валден – кој има грчко и шведско потекло, а е професор на Универзитетот во Брисел, поранешен функционер во Европската комисија во ресорот проширување, поранешен советник на грчката влада и координатор на Самитот на ЕУ за Балканот во Солун, во анализа за „Независен“.

Таков аспект, посочува Валден, е учеството на Бугарија во Втората светска војна.

„Улогата, на пример, на Бугарија за време на војната не е билатерално прашање. Фашистичката Бугарија окупираше делови од соседните земји (вклучително и Грција) и изврши злосторства. Негирањето на овие злосторства не може да биде предуслов за добри односи со денешна Бугарија, исто како што добрите односи со денешна Германија не претпоставуваат негирање на холокаустот и други злосторства на нацистичките Германци“, пишува тој.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Во колумната, тој ги карактеризира Северна Македонија и македонската нација како „деца на антифашизмот“. Проектот на обединета Европа, притоа, посочува професорот, е изграден врз основата од антифашистичкото наследство.

„Но, постојат сили на кои им пречи ова. Под изговор на антикомунизмот, тие се обидуваат да ја напишат одново историјата. Тие го обвинуваат Советскиот Сојуз, а не Хитлер, за војната. Во Бугарија Тито е обвинет не толку за неговиот диктаторски режим (кој беше многу поблаг од сталинистичките режим на неговите соседи), туку за отпор кон бугарските окупатори и охрабрување на македонската етногенеза“, коментира тој.

Валден посочува дека низ цела Европа негирањето на антифашизмот е средство за заживување на суровиот и реакционерен национализам. Во тој контекст го споменува и интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската БГНЕС, оценувајќи дека неговите формулации „се чини дека прават отстапки за бугарскиот ревизионизам“. Според Валден, формулациите на премиерот биле „прилично несреќни“. Целата колумна прочитајте ја ТУКА.

- Реклама -