Пристигнувањето на вакцините од Србија, иако беше најавено за денеска, е одложено за некој од следните денови. Причината е потребата од усогласување на техничката документација, соопштија доцна синоќа пред полноќ од Владата.
„Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за утре, 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин Табановце, се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме“, се наведува во соопштението.
Со слично соопштение излегоа и од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој како што беше најавено, лично требаше да им ги предаде вакцините на граничниот премин Табановце на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
Осумте илјади вакцини против ковид-19 од производителот „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија и натаму се очекува да бидат првите што ќе пристигнат во земјава. Вакцините од Кина, пак, 200.000 на број, премиерот Заев ги најави за 15-16 февруари. Во втората половина од месецов стапува на сила и непосредниот договор со „Фајзер“, кога се очекува да пристигне првата пратка од 5.850 вакцини преку ваквиот механизам.