Утврден текстот на предлог законот за бришење на камати и репрограмирање на долгови, кој ќе опфати над 150.000 граѓани

На денешната владина седница беше утврден текстот на Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на Ковид-19, дел од мерките за ублажување на последиците од пандемијата во рамки на петтиот пакет мерки кои ги донесе Владата, информираше премиерот Зоран Заев.

„Со оваа мерка, која што ќе се реализира со закон, уште еднаш ја потврдуваме нашата грижа за граѓаните и тоа во услови што ги предизвика пандемијата со Ковид-19 и социо-економските последици што ги предизвика за граѓаните“, истакна тој.

Заев објасни дека мерката опфаќа преку 150.000 граѓани, притоа посочувајќи дека законското решение нема негативни финансиски импликации, туку напротив – се очекува да донесе позитивен импакт бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растеретени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот, и тоа на повеќе рати.

„Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците, на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон.
Практично, ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите, тука се опфатени пред се најсиромашните граѓани“, рече премиерот.

Во однос на спроведувањето во пракса, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин – во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон. Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, тие треба да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или на друг начин, како на пример преку известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

„Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но, и во законското решение, и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните“, порача Заев.

Во обраќањето, премиерот потсети дека граѓаните, особено социјално најранливите, во услови на пандемија, се соочија со потешкотии во подмирувањето на своите обврски не по своја вина. Тој потсети дека Владата презеде повеќе мерки за да им ја олесни оваа ситуација.

„Меѓу другото, времено го суспендиравме Законот за извршување во период од неколку месеци. Извршителите мораа да запрат со преземање какви било извршни дејствија. Работодавачите на должниците и носителите на платен промет беа должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите.

Од сличните мерки беше и одлуката за одложување на кредитите кај банките за 3 до 6 месеци и тие тоа го прифатија.

Еве нé сега повторно со нова мерка наменета директно за олеснување на финансиските обврски на близу 150.000 наши сограѓани, а тоа допира до многу повеќе семејства.

Продолжуваме и понатаму со максимална грижа за здравјето на граѓаните, за нивната социјална сигурност, како и за работата на компаниите, за платите на работниците, за зачувување на работните места“, истакна премиерот.

- Реклама -