Устата на вистината – каменот што им ги одгризува рацете на лажговците

Ако легендата е вистинита, Bocca della Verità е потопена со многу крв.

Долго пред модерните детектори за лаги и нивните нападни жици и графици, лажговците се наоѓаа во подеднакво сериозна ситуација кога ќе се најдеа пред вилиците на Bocca della Verità – или Устата на вистината: древниот каменорез во Рим за кој се верува/ло дека ги одгризува рацете на лажговците.

Се работи за голем камен диск со изрезбано лице, со шупливи отвори на местото каде што би се наоѓале очите и устата. Потекнува некаде од околу 1-от век од нашата ера, и никој не е целосно сигурен зошто воопшто е направен. Но има неколку теории. Се смета дека оригинално служел како церемонијален капак за бунар, или можеби како декорација за фонтана, или можеби капак за некоја тогашна верзија на шахта. За самото лице се смета дека претставува пагански бог, но се води дебата за кој бог поточно. Експертите во областа типуваат на богот на шумата Фаунус, морскиот бог Океанус, па до непознат локален бог на реката.

Настрана потеклото, едно е сигурно: легендата вели дека ако некој ја стави раката во устата на дискот и каже лага, Устата на вистината ќе ја одгризе раката на лажливецот.

Се смета дека ова верување потекнува од Средниот век, кога камениот диск наводно се користел во судските спорови. Обвинетиот ја ставал раката во отворот на устата, и ако се покажело дека лаже, скриениот џелат зад каменот му ја отсекувал раката со секира. Автентичноста на таквата приказна е во најмала рака сомнителна, но верувањето се пренесува како вистинито и ден денес.

Затоа денес можете да ја видите Устата на вистината – во улога на мистичен детектор за лаги, во многу филмови и видео игри. Најславен наслов веројатно е Roman Holiday од 1953-та година, чија цела приказна се одвиваше околу мистериозната камена уста што ги одгризува рацете на лажливите.

- Реклама -