Бугарското национално радио – BNR, приморано да емитува музика постара од 70 години, доживеа неочекуван успех и доби голем број слушатели. Очигледно, Бугарите уживаат да слушаат заборавени класични и џез парчиња, како и стара народна музика.
Од почетокот на годинава, BNR рока класики како џезот на Глен Милер и барокните парчиња од Вивалди, а причината се високите цени на авторските права. Така, националното радио пушта музика стриктно од автори кои се умрени пред 70+ години, бидејќи тоа е условот кога истекуваат авторските права и тие дела стануваат јавни добра.
Потегот и не толку, ама резултатот од ваквата радио програма на BNR ги изненади сите. Не само што радиото стекна многу повеќе слушатели отколку претходно, туку сега е третото најслушано радио во Бугарија, веднаш зад приватните радио станици. Само во јануари, BNR доживеа скок во слушаноста од 20 проценти, а уделот во етерот порасна од 13.7 на 16.5 проценти. И тоа, зборуваме за земја во која радио-фреквенциите се заситени со речиси секаква музичка понуда.
Новостекнатата популарност може, ама и не мора да има врска со тоа што „новата“ музичка програма најмногу го израдува постарото население на Бугарија, каде пензионерите сочинуваат една третина од вкупното население. Меѓутоа, BNR освои и слушатели од другите генерации, кои ете, и самите сакаат да уживаат во Моцарт, Вивалди, па и фокстрот. Тоа го потврдуваат пофалбите на друштвените мрежи, каде му се изразува полна поддршка на националното радио.
Генералниот директор на радиото – Александар Велев, потврди дека е изненаден од успехот на наметнатата промена во музичката програма. „Заради ваквите резултати, ќе ја преиспитаме нашата (досегашна) музичка програма, за да го земеме во предвид и вкусот на публиката“. Радиото имаше судски спор со здружението Mjuzikautor – кое бараше и доби поскапување на авторските права за 250%, т.е. на 500.000 лева (250.000 евра) годишно.