По лошата услуга, луѓето заминуваат лошо расположени, а со нив и бакшишот. Мекензи и Стивен Шулц, како и многу други, се само уште едни жртви на екстремно лошо послужување, и тоа во ресторанот во кој ја прославувале 6-годишнината од бракот.
Најпрво, за да порачаат, тие го чекале келнерот цели 20 минути. Потоа чекале уште 40-тина минути за да им го донесат аперитивот, а потоа уште еден час за да им го донесат предјадењето.
„Луѓето околу нас го исмеваа ресторанот и лошата услуга“, вели Мекензи, споделувајќи ја нивната приказна на една од социјалните мрежи. Но, со оглед на тоа што и таа и нејзиниот сопруг и самите работеле како послужувачи во минатото, се сожалиле на келнерот, кој сето тоа време трчал наваму-натаму како луд, обидувајќи се да ги услужи сите 12 маси во ресторанот. Мекензи сфатила дека овде не се работи за лоша услуга, туку за недостаток на вработени во објектот, што би значело дека макар и не по негова вина, токму тој ќе биде мета на незадоволството и ќе остане без бакшиш. Во земјите како Америка, каде платата во оваа професија е навистина мала, главниот приход за вработените доаѓа токму од бонусот што го добиваат од задоволните гости.
Гледајќи го келнерот како трча наоколу и се извинува за чекањето, сопружниците се потсетиле на деновите кога тие биле во „негова кожа“, па решиле да му ја разубават вечерта со напојница од 100 долари. Дополнително, келнерот сигурно ќе биде задоволен што постот на Мекензи допре до 1.5 милион луѓе, кои очигледно го разбираат проблемот.
„Го пишувам ова како пријателски потсетник да размислите за целата ситуација пред да судите. И секогаш, секогаш, сетете се од каде доаѓате“, напиша таа.
Па, помислете на ова кога следниот пат ќе ве остават да чекате во преполното кафуле.