Уште еден „убиец“ на диносаурусите?

0954-ShivaCraterДали базенот Шива во Индија е огромен кратер настанат од удар на астероид пред 65 милиони год., време кога исчезнале диносаурусите? Ако е така, тогаш временското совпаѓање со ударот на астероид во Мексиканскиот Залив, упатува на ново сценарио за поморот на диносаурусите: повеќе удари на фрагменти од некој парчосан астероид, паднати на различни локации на Земјата!

asteroid_0427Дали базенот Шива во Индија е огромен кратер настанат од удар на астероид пред 65 милиони год., време кога исчезнале диносаурусите? Ако е така, тогаш временското совпаѓање со ударот на астероид во Мексиканскиот Залив, упатува на ново сценарио за поморот на диносаурусите: повеќе удари на фрагменти од некој парчосан астероид, паднати на различни локации на Земјата!

Да се потсетиме, хипотезата за причината за ненадејното исчезнување на диносаурусите пред 65 милиони год. која денес е во оптек, се потпира на досегашните геолошки сознанија (ЕМИТЕР бр. 12/03: “Причината за смртта на диносаурусите” и ЕМИТЕР бр. 12/08: “Идентификуван астероидот убиец на диносаурусите”). Според таа хипотеза, причината за поморот била удар на астероид во полуостровот Јукатан во Мексиканскиот Залив. Аргументите, кои упатуваат кон тоа сценарио се изобилството на иридиум во пластовите на Земјата стари исклучиво 65 милиони год., а иридиумот е метал кој не е вообичаен за Земјата, туку за метеорите, и уште, големото количество тектити на таа локација, кои се карактеристични за астероидите, а не за тој регион. Но…

Во најново време палеонтологот Занкар Шатерје (Sankar Chatterjee) од Техничкиот универзитет во Тексас, излезе со нова хипотеза, во која тој тврди дека еден базен на западното крајбрежје на Индија, е, исто така, огромен кратер настанат од удар на астероид. Базенот тој го нарекол Шива (Shiva) според името на Хинду божеството на уништувањето и повторната обнова. Базенот има невообичаен облик, сличен на правоаголник со приближни страни 600 km и 400 km (за компарација, кратерот на полуостровот Јукатан има пречник од “само” 180 km). Неговиот средишен дел е под вода, додека неговиот дел на копното е ишаран со “неприродни” облици, небаре е бомбардиран во некоја космичка катастрофа. Според Шатерје, причината за ваквата конфигурација на релјефот на базенот можела да биде само удар на астероид под мал агол во тој регион. Како доказ, тој наведува дека во тој регион Земјината кора како да е напросто збришана, а датирањето на пластовите покажало нивна старост од 65 милиони год., т.е. од геолошкиот период наречен Креда, кога владееле диносаурусите на Земјата. Очигледно ова е временско совпаѓање на судирот во Шива со судирот во Мексиканскиот Залив – официјално прогласен за “убиец” на диносаурусите. Освен тоа и пластовите во кратерот Шива, исто така, се богати со иридиум, кој како што рековме, е типичен “отпечаток” од судир со астероид. Ако сето тоа е така, тогаш Шива е најголемиот ударен кратер на планетата, остаток од некоја катаклизма пред 65 милиони год., која сигурно мора, исто така, да имала удел во исчезнувањето на диносаурусите.

0954-ShivaCrater
Базенот Шива, каде според Шатерје удрил астероидот, кој дал свој придонес за помор на диносаурусите

Инаку, базенот Шива е богат со ресурси од нафта и природен гас, па енергетските компании со децении дупчат во него и така постепено ги уништуваат “информациите” кои овој терен ги содржи. Но, Шатерје сочувал некои примероци од регионот, сметајќи дека тие во себе кријат драматична приказна за некоја дамнешна космичка катастрофа. Ако временското совпаѓање на ударите во Мексиканскиот Залив и во базенот Шива е точно, тогаш тоа додава дополнителен товар на досега постоечката хипотеза за помор на диносаурусите, имено, тоа наведува на идеја дека некој масивен астероид претходно се парчосал преминувајќи ја Рошовата граница на пат кон Земјата и неговите парчиња паднале на повеќе различни локации! Да објасниме, Рошова граница е минимално растојание до некое масивно небеско тело (на пр., планета), до кое може да се приближи некое друго, помало небеско тело (астероид или комета), а да остане компактно, инаку преку таа граница тоа се парчосува на принцип на плима и осека. Така се родила идејата за т.н. “мултисудирна теорија” (“Multiple impact theory”).

wwdimpactМеѓутоа, кај базенот Шива се појавува уште едно важно прашање, имено, источниот раб на базенот се преклопува со висорамнината Декан (Deccan), која настанала од излив на лава, датирана од пред, исто така, 65 милиони год! Еве уште едно чудно временско совпаѓање на различни настани! Прашањето кое се наметнува гласи: дали двата настани во базенот Шива меѓусебе се поврзани во придонесот за помор на диносаурусите? Шатерје смета дека токму комбинација од тие два настана го предизвикала поморот на диносаурусите.

Со таква своја хипотеза тој излегол на годишното собрание на Геолошкото здружение на Америка во Портланд, но таму неговата хипотеза беше примена со длабок скептицизам: “Не е потребно Шива или Декан да ги вовлекуваме во катастрофата одговорна за поморот на диносаурусите”, изјави Стивен Д’ Хонд (Steven D’ Hondt), од Универзитетот Роде (Rhode), Исланд, “Ние можеме наполно да го објасниме поморот само со удар на астероид во Мексиканскиот Залив. До сега никој уверливо не докажал дека Шива е кратер од удар на астероид”. Полемиката и натаму трае, и таа главно се води околу прашањето дали Шива навистина е кратер од удар на астероид или не е?

Шатерје признава дека неговата идеја е доста шпекулативна, но тој смета дека “Таа може да објасни многу повеќе работи околу катастрофата на диносаурусите”. Како прво, астероидот паднат во Мексиканскиот Залив според пресметките имал пречник 8-10 km, што претставува мала маса во споредба со 40 km пречник, на колку се проценети димензиите на астероидот паднат на Шива, па е неверојатно тој да немал никаков удел во поморот на диносаурусите ако двата паднале во исто време!

Но, треба да се докаже дека Шива е, сепак, кратер од судир со астероид. Ако тоа евентуално се докаже, тогаш тоа сигурно ќе ги принуди научниците да го преиспитаат својот став за катастрофата на диносаурусите од пред 65 милиони год.. Ние ќе го следиме натамошниот тек на расправата околу ова прашање.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -