Џејмс Т. Кирк пред речиси 50 години употребуваше универзален преведувач за да разговара со вонземјани, но сега Microsoft е на прагот на создавање на вистински функционален универзален преведувач. Френк Сунг и Рик Рашид создале софтвер кој го претвора говорот на англиски во било кој од 26 странски јазици, притоа користејќи го гласот на говорителот.
Сè што треба да направи корисникот е да зборува англиски во машината и таа ќе го претвори во било кој јазик од шпански до мандарински. Тие се надеваат дека направата еден ден ќе им овозможи на туристите да разговараат со локалното население иако не го зборуваат локалниот јазик, исто како во Ѕвездени Патеки. Господин Сунг рекол дека овој напредок би им помогнал на луѓето кои учат јазици а би можел да работи и со навигациони направи.
Во теорија еден ден би било можно софтверот да биде инсталиран во смартфон што значи дека туристите ќе имаат преведувачи во својот џеб. Господин Сунг изјавил: „За говорител на само еден јазик кој патува во странство, софтверот ќе го препознава говорот, ќе го преведе, по што ќе дојде до конечното претварање на преведениот текст во говор користејќи го гласот на корисникот“.
Господин Сунг и господин Рашид работат во Microsoft во Редмонд, Вашингтон. Тие го создале системот со колеги од Microsoft Research Asia во Пекинг, втората најголема истражувачка лабораторија на компанијата. Во Ѕвездени Патеки универзалниот преведувач бил претставен во втората половина на 22-от век и му помагал на екипажот на Ентерпрајз да комуницира со вонземјани за време на нивното истражување на галаксијата.
Сунг и Рашид сепак ја направиле нивната верзија денес, дури и ако преведениот говор сè уште звучи по малку механички. На нивната направа ѝ е потребен околу еден час за да го научи говорот на одреден корисник по што функционира со споредување на снимените зборови со основната верзија за целниот јазик.