ОН: Уништувањето на браната Каховка ќе има огромно влијание врз цените и глобалната безбедност на храната

ОН предупредија дека уништувањето на браната на Дњепар ќе има огромно влијание врз глобалната безбедност на храната, ќе ја зголеми нејзината цена и може да го загрози пристапот до вода за пиење за стотици илјади жители. Браната Нова Каховка беше пробиена во раните утрински часови на 6 јуни, испуштајќи огромно количество вода што го поплави југот Украина.

Засега не е познато што го предизвикало пробивот, иако норвешките сеизмолози и американските сателити тврдат дека регистрирале експлозија. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништувањето.

Шефот на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, изјави за Би-Би-Си дека влијанието на настанот врз безбедноста на храната во светот може да биде значајно.

„Тоа е житница – целата област низводно, кон Црното Море и Крим – е житница не само за Украина, туку и за светот“, рече тој.

„Веќе се соочуваме со тешкотии во однос на безбедноста на храната, но сега, сигурен сум дека нејзините цени ќе пораснат … Речиси е неизбежно следната година да видиме огромни, огромни проблеми во жетвата и сеидбата. И затоа ќе имаме огромно влијание врз безбедноста на храната – тоа ќе се случи“, нагласи Грифитс.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Украина и Русија се два од клучните светски производители на храна и главни играчи на пазарот за пченица, јачмен, пченка, семе од репка, семки од сончоглед и сончогледово масло.

Грифитс рече дека 700.000 луѓе зависат од резервоарот за вода што го држи браната за вода за пиење. Без чиста вода, тие се изложени на ризик од болести, а децата се најранливи.

Британецот исто така рече дека и штетата од ваков обем што е нанесена врз цивилната инфраструктура е целосно кршење на меѓународното хуманитарно право, вклучително и Женевската конвенција.

„Тоа е очигледно. Кој и да го сторил тоа ја прекршил Женевската конвенција“, заклучи тој.

МИА

- Реклама -