Секој мора да остари, ама не секој мора да биде стар. Тоа е мотото на Доналд Рамсфелд (83), кој во изминативе две години се зафати да прави мобилна апликација. Се работи за „ѓаволска“ верзија на популарната игра со карти – Solitaire, која датира барем од времето на Втората светска војна, а веројатно и од порано. Приказната почнува со еден од најголемите светски лидери на 20-от век, среде најбурните времиња во светската историја.
Во мај 1940-тата, нацистичките тенкови ја преплавија Белгија. Инвазијата на Хитлер врз западна Европа имаше бројни последици. Една од нив беше што човекот со име Винстон Черчил стана премиер на Велика Британија. Другата е што човек по име Андре де Стаерцк – млад помошник во белгиската влада, ќе биде протеран во егзил. Во време кога фашистите го бомбардираат Лондон, кога Америка одбива да се вмеша во уште една светска војна, и во време кога цел свет е во пламен, нивните заеднички, а одделни планови за спречување на фашистичката плима, ќе доведат до денот кога Стаерцк и Черчил ќе се сретнат и ќе станат блиски и добри пријатели.
Черчил, тогаш во своите 60-ти, бил човек со став, енергичен, решителен и подготвен на сé. Во една прилика, еден млад фотограф му има речено дека се надева дека ќе успее да го фотографира на денот кога ќе наполни 100 години. На тоа, британскиот премиер ќе одговори како од пушка: „Не гледам зошто да не, млад човеку. Изгледаш прилично здрав и во добра форма“. Черчил ценел многу нешта – добра книга, добар скоч и добра пура, игри од секаков вид и, пред сé, бистар ум. Последново го нашол токму кај младиот Андре де Стаерцк, тогаш во своите доцни 20-ти, кој станал нешто налик Черчилов протеже.
Предвидливо, човек ќе научи многу нешта во друштво на еден таков светски големец, но она што Андре сигурно го научил од британскиот премиер, меѓу другото, е и да игра уникатно тешка верзија на популарната игра со карти. Ова го знаеме благодарение на Доналд Рамсфелд, кој во 1973-тата, како американски амбасадор во НАТО, имал можност да се сретне со Стаерцк лично – тогаш постар белгиски дипломат во Северноатлантската алијанса. Уште повеќе, Стаерцк го научил да ја игра онаа иста ѓаволска верзија на „Солитер“ што тој научил да ја игра од Черчил; седејќи така во авион некаде над Европа, Рамсфелд ги забележал колоните од минијатурни карти распоредени пред масата на која седел Белгиецот, а по прашањето што игра, Андре почнал да раскажува за потеклото на играта што тој ја нарекувал „Черчил Солитер“ и за уникатните правила што ја прават една од најтешките варијации.
Имено, Черчиловата верзија, како и човекот лично, е попредизвикувачка и покомплексна. За разлика од обичниот Солитер, оној на Черчил се игра со два шпила. Наместо традиционалните 7 реда карти, Черчиловиот има 10. Поентата е да ги наредите картите, од најмала кон најголема, во 8-те „победнички купчиња“ (горе десно), за секој знак по две. Наместо едноставното редење на картите по знак, од еден до четиринаесет, кај Черчил има и дополнителен ред со 6 карти – „Ѓаволовата Шестка“ – кои играчот исто така мора да ги елиминира, со тоа што тие можат да бидат пренесени исклучиво во „победничките купчиња“, а не и во обичните редови. Според Рамсфелд, играта најдобро е опишана во една изрека на Стаерцк: „Она што на човек му е најпотребно во животот е песимизмот на интелигенцијата и оптимизмот на волјата“.
Апликацијата на Доналд Рамсфелд доаѓа по предлог на најблиските и како резултат на стравот дека тој е еден од малкумината останати што го знаат „Ѓаволовиот Солитер“ и дека постои можност верзијата на Черчил засекогаш да исчезне од светската меморија. Засега е достапна само за iOS, а се очекува наскоро да ја има и за Android. Бесплатна е, со тоа што за хинтови и преновување на потезите, како и за дел од содржината, се доплаќа. Можете да ја најдете тука.