Уникатни приказни со неочекуван крај

Мајсторство, во пишувањето да кажеш многу со малку зборови е навистина тешко, а малкумина ја владеат оваа вештина. Следните неколку раскази се читаат во еден здив, со тоа што крајот на секој од нив е фантастичен.

Расказите што се наоѓаат тука се најдобрите од натпревар организиран од уредниците на магазинот “New Time”, чиј што услов беше истите да содржат не повеќе од 55 зборови.

Го познаваш ли човекот кој спие крај тебе?

– Внимавај, душо, наполнет е – рече тој, враќајќи се во спалната соба.
Беше потпрен со грбот на таблите на креветот:
– Тоа за жена ти ли е?
– Не. Би било премногу ризично. Ќе ангажира убиец.
– А ако убиецот сум јас?
Тој се насмевна.
– На кого ќе му падне на памет да вработи жена за убиство на некој маж?
Таа ги лижеше усните и гледаше во него:
– На жена ти!

Автор: Џефри Витмор

Клучниот момент

Таа речиси слушаше како вратата на ќелијата се затвора.
Слободата си отиде засекогаш, а сега судбината и беше во туѓи раце.
Во главата почнаа да и минуваат луди мисли за тоа колку убаво би било сега да патува далеку, далеку. Но, таа знаеше дека е невозможно да се сокрие. Се сврте со насмевка кон младоженецот и повтори: „Да, се согласувам”.

Автор: Тина Милберн

Вечерно изненадување

Сјајните чорапи примамливо и одблеснуваа од прекрасните колкови – прекрасен прилог на лесниот вечерен фустан. Од  дијамантските обетки до врвот на чевлите на тенките потпетици – сè беше во тренд. Очите, со штотуку нанесена шминка,  а усните со светол кармин се ширеа од задоволство. Одеднаш, некаде одзади се слушна детски глас:
“Тате ?!”

Автор: Хилари Клеј

Во градината

Таа седеше во градината, кога виде дека тој трча кон неа.

– Тина! Мојот цвет! Љубовта на мојот живот.
– О, Том!
– Тина, мојот цвет!
– О, Том, и јас те сакам!
Том се приближи кон неа, клекна и брзо ја фрли настрана.
– Цветот ! Ми седиш на омилената роза!

Автор: Хоуп Ај Торес

Зло

Велат дека злото нема лице. Всушност, неговото лице не покажуваше никакви чувства. Никаква трошка сочувство, иако мојата болка беше едноставно неподнослива. Зарем не го гледа ужасот во моите очи и паниката на моето лице? Тој професионално ја заврши валканата работа, а конечно учтиво ми рече: „Исплакнете ја устата, ако сакате!”

Автор: Дан Ендрјус

Состанок

Телефонот заѕвони.
– Ало – прошепоти таа.
– Викторија, јас сум. Да се сретнеме на полноќ.
– Добро.
– И, те молам, не заборавај да земеш шише шампањ! – рече тој.
– Нема да заборавам. Сакам да бидам со тебе оваа ноќ.
– Побрзај, немам трпение! – рече тој и затвори.
Таа воздивна, а потоа се насмевна.
– Интересно, кој ли беше на телефон?

Автор: Никол Ведел

Во потрага по вистината

Конечно, после долго време наишол на едно пусто село и пребарувања му завршија. Во старата соба, крај огнот стоеше таа – Вистината.
Никогаш не беше видел постара и жена.
– Вие сте Вистината ?!
Збрчканата старица кимнала свечено.
– Па, кажете што треба да му кажете на светот? Што порака да му пренесам?
Старицата одговорила:
– Кажете им дека сум млада и убава!

Автор: Роберт Томпкинс

Што сака ѓаволот

Двете момчиња стоеја и гледаа како ѓаволот полека си заминува. Блесокот на хипнотичките очи се уште им ги замаглуваше главите.
– Слушај, што сакаше тој од тебе?
– Мојата душа. А од тебе?
– Монета за телефонскиот автомат. Итно требаше да се јави.
– Сакаш да одиме да каснеме?
– Сакам, но немам никакви пари.
– Ништо страшно. Јас имам многу.

Автор: Брајан Ноел

Судбината

Имаше само еден излез. Нашите животи веќе се беа исплетени во толку сложен јазол од гнев и блаженство што не можевме да смислиме попаметно решение. Ќе и ја довериме нашата судбина на ждрепка: глава – ќе се венчаме, петка – ќе се разделиме засекогаш.
Паричката беше фрлена. Падна, се заврти и застана. Глава.
Гледавме со збунетост.
Потоа во еден глас рековме: „Може да ја фрлиме уште еднаш, а?”

Автор:Џеј Рип

Благодарност

Волненото ќебе што неодамна му го дале во хуманитарната фондација, удобно ги препокриваше неговите рамења, а чизмите, кои денес ги пронајде во еден контејнер, воопшто не му ги убиваа нозете.
Уличните огнови пријатно ја грееја неговата душа по целата оваа застрашувачка темнина… А клупата во паркот се покажа толку позната за стариот грб.
„Ти благодарам, Господи, – помисли тој – животот е едноставно прекрасен!”

Автор: Ендрју Хант

- Реклама -