Унгарија ја блокираше заедничката изјава на земјите-членки на ЕУ за потерницата на Меѓународниот кривичен суд за апсење на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин.
Порталот Блумберг, повикувајќи се на добро информирани извори во ЕУ, објави дека ветото на Будимпешта резултирало со изјава на високиот претставник за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, дадена „во негово лично име“, со која се потврдува дека одлуката на МКС е прифатена.
„ЕУ ја гледа одлуката на Меѓународниот кривичен суд како почеток на процесот на одговорност и повикување на одговорност на руските лидери за злосторствата и ѕверствата што тие ги нарачуваат, овозможуваат или ги вршат во Украина“, беше наведено во изјавата на Борел.
Во меѓувреме, министрите за правда на ЕУ дадоа своја изјава во која ја поддржуваат одлуката на МКС, која Унгарија одби да ја потпише.
МИА