Уметноста нуди исто задоволство како и љубовта

уметностГледањето во уметнички дела би можело да претстави исто задоволство како и гледањето во очите на сакана личност. Барем така велат научниците. Истражувачите покажале 30 различни слики на група доброволци по што го мереле задоволството со скенирање на нивните мозоци.


Оние дела кои биле оценети како најубави предизвикале „добро чувство“ слично на она кое го добивате кога гледате во лицето кое го сакате. Слики од Џон Констабл, Ингрес и Гуидо Рени предизвикале најсилни реакции на задоволство, а најдобрите слики предизвикале и зголемување на протокот на крв во одредени делови од мозокот и до 10 проценти.

Истата „силна активност“ е еквивалент на гледање во лицето кое го сакате, велат истражувачите. Експериментот бил спроведен од тим од University College London, кој забележал дека дела на Херонимус Бош, Оноре Дамие и фламанскиот уметник Масис, кои биле оценети како „најгрди“, бидејќи предизвикале најмала промена во протокот на крв.

Слики од уметници како Моне, Рембрант, Леонардо да Винчи и Сезан исто така биле употребени во тестот. Професор Семир Зеки, шеф на катедрата за невроестетика во универзитетот и предводник на овој експеримент, изјавил: Откривме дека кога гледате во уметност – без разлика дали е пејсаж, мртва природа, абстрактна слика или портрет – има силна активност во делот од мозокот поврзан со задоволство.“

Магнетната резонанса го мерела протокот на крв во делот од мозокот поврзан со задоволство и желба. „Реакцијата беше инстантна. Откривме дека зголемениот проток на крв е пропорционален со тоа колку сликата му се допаѓа на одреден доброволец. Протокот на крв се зголемуваше за убавите слики исто како што се зголемува и кога гледате во некој што го сакате. Тоа ни кажува дека уметноста предизвикува пријатно чувство директно во мозокот.“ [How appreciating works of art can provide as much pleasure as being in love]

- Реклама -