Во главниот град на Хаити, Порт О Пренс, не мораш да си фармацевт за да продаваш лекови. Потребна ти е само пластична кофа/корпа и желба да ги шпарташ улиците под топлото сонце во потрага по пациенти.
Во „нормалните“ земји, таа потрага би била залудна. Никој не би купил лекови од некој на улица. Но, за многу од Хаиќаните лековите се обичен потрошувачки производ, како бонбони, а купувањето од улични продавачи е норма, а не исклучок. Всушност, за Порт О Пренс и Хаити уличните „аптекари“ се тоа што се уличните забари за Индија. На Хаити тешко се доаѓа до вистински аптеки, па уличните диспанзери се главен извор на лекови.
Сепак, уличниот аптекар треба да се погрижи стоката што ја продава да изгледа атрактивно, исто како кога би продавал бонбони, нели. Тука стапува на сцена кофата. Лентите со апчиња обично се редат така што се издигнуваат во мала кула, во која секој „кат“ е прицврстен со гумени ластици. Самите апчиња, пак, не ги редите како ќе ви дојде – мора да се со складни бои (сина vs. розева е добра комбинација) и да изгледаат привлечно на око, инаку никој нема да ви купи. Кратко речено, кофата треба да ви изгледа како уметничка инсталација, а не како нафрлан куп.
Но, колку и да се „уметнички“, овие кофи се аптекарски „руски рулет“. Пред сé, ваквата продажба на лекови е незаконска, а се нуди сé – од апчиња за абортус, па до Вијагра. Повеќето се генерички лекови од Кина. Други се апчиња со поминат рок на траење и фалсификувани лекови увезени од Доминиканската република. „Аптекарите“, исто така, без двоумење се расфрлаат со медицински совети, од кои некои се тотално апсурдни; на пример, препишување на моќни антибиотици против акни.
Но законите ретко се применуваат од страна на Министерството за здравство на Хаити. Отсуството на владин надзор практично ги препушта луѓето во рацете на уличните аптекари и нивното медицинско (не)знаење. Луѓето пак, „немаат тајни од нас“, вели самопрогласениот „медицински специјалист“ Ренолд Жермен. „Ни кажуваат за своите инфекции, проблеми со варењето или сексуални проблеми. А за секој проблем, ние имаме апче“.
Фотографиите се дел од серијата на фотографите Paolo Woods и Gabriele Galimberti.