„Активни борби се водат на улиците на нашиот град“, предупреди украинското МВР на Фејсбук, алудирајќи на Киев, повикувајќи ги цивилите во градот да останат смирени, но да бидат максимално внимателни.
„Ако сте во засолниште, не го напуштајте сега. Ако сте дома, не одете во близина на прозорците, не излегувајте на балконите. Скријте се внатре, на пример во бањата/тоалетот и покријте се со нешто што ќе спречи повреда од фрагменти од куршуми.
Ако чуете сирени за воздушен напад, веднаш одете во најблиското засолниште“, се вели во соопштението, откако во текот на ноќта руските сили се обидоа да се пробијат до центарот на градот, каде што се соочија со отпор од украинската војска.
Преку целата ноќ можеа да се слушат експлозии и артилериски оган. Како што соопшти украинската војска, без повеќе детали, тие успеале да го запрат нападот на руските сили врз воена база лоцирана на една од главните „артерии“ во Киев – Авенија на победата.
Претходно украинските сили соопштија дека собориле руски воен транспортен авион „Иљушин Ил-76“ кај градот Василкив, јужно од главниот град Киев. Според началникот на Генералштабот – Валериј Залужни, во авионот имало руски падобранци. Сепак, информацијата не е потврдена од независни извори.