Се до отповикување на вонредната состојба, Украина веќе нема да дозволува влез во земјата за руските мажи на возраст од 16 до 60 години. Исклучок ќе се прави само во „хуманитарните случаи“, како на пример одење на погреб, соопшти челникот на украинските гранични служби.
Вонредна состојба е воспоставена во 10 украински покраини кои граничат со Русија или со Крим, кој Русија го окупираше и припои во 2014-та. Вонредната состојба ќе трае нешто повеќе од еден месец, до 26-ти декември.
Ваквиот драстичен потег на украинските власти е резултат на стравовите од руска инвазија врз Украина. За потсетување, откако руските сили во неделата нападнаа и запленија три украински брода – еден цивилен и два воени, при што морнарите беа заробени, украинскиот претседател Петро Порошенко предупреди дека на Украина ѝ се заканува „тотална војна со Руската Федерација“.
Порошенко: Мораме да спречиме формирање на руски приватни војски, како што се случи во 2014-та
Во разговор со украинските новинари, Порошенко предупреди и дека бројот на тенкови во руските воени бази долж границата е зголемен трикратно, а „драстично е зголемен“ и бројот на воени трупи. Во едно друго интервју со германски новинари, Порошенко драматично го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека себеси се гледа како „руски цар“, а на Украина гледа како на „своја колонија“ која сака да ја припои во целост.
На Твитер, Порошенко ја оправда забраната за влез на руски мажи како потреба, со цел спречување на формирање на „приватни војски“ во Украина, како оние кои настанаа во одметнатите украински покраини Луганск и Доњецк, кои беа во голема мера потпомогнати од руски персонал и вооружување. Судирите на истокот на Украина, познат како Донбас, траат од почетокот на оваа побуна, од 2014-та па до денес.
Што се однесува до забраната, BBC пишува дека би можела да има сериозни последици врз патувањата меѓу двете земји, особено со оглед на претстојниот празничен период, а сличен одговор би можела да предизвика и од Русија.