Украина го суспендира новиот коридор за жито поради страв од руски воздушни напади

Украина го суспендираше својот нов коридор за жито на Црното Море, бидејќи смета дека постои закана од руски воени авиони, соопшти денеска консултантската компанија „Барва инвест“, со седиште во Киев.

– Би сакале да ве информираме за привремениот прекин на сообраќајот на бродови до и од пристаништата. Сегашната забрана е во сила на 26 октомври, но постои можност таа да биде продолжена, објави консултантската компанија на Телеграм.

Украинските власти не беа веднаш достапни за коментар. Консултантската фирма објави дека де факто суспензијата е во сила веќе два дена по налог на војската, која како причина ја наведе заканата од зголемена активност на руските воздухопловни сили во областа.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека им наредил на руските воени авиони кои носат ракети Кинжал да патролираат по Црното Море. Украина отвори „хуманитарен коридор“ за бродови до африканските и азиските пазари во август, за да се обиде да ја заобиколи де факто блокадата во Црното Море, откако Русија се повлече од договорот што му гарантираше на Киев безбеден поморски извоз.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Украинските власти и извори за бродски превоз соопштија дека повеќе од 40 товарни бродови поминале низ коридорот досега и 1,5 милиони метрички тони товар ги напуштиле украинските поморски пристаништа низ коридорот. Пратките главно содржат житарки, маслодајни семиња и растителни масла.

Украинските земјоделци оваа недела рекоа дека новата рута може да овозможи извоз до 2,5 милиони тони храна месечно, речиси неутрализирајќи го влијанието на одлуката на Русија да се повлече од договорот постигнат со посредство на ОН. Првиот украински заменик-министер за земјоделство Тарас Висоцки вчера рече дека испораката на жито преку новиот коридор во октомври може да надмине еден милион тони.

МИА

- Реклама -