Украина до ЕУ и Г7: Престанете да им издавате визи на Русите, треба да им биде одземено правото да ги минуваат меѓународните граници

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, ги повика сите членки на Европската Унија и групата Г7, која ги обединува најсилните економии во светот, „да престанат да им издаваат визи на Русите“.

„Претседателот (Володомир) Зеленски е апсолутно во право кога инсистира на тоа. Мнозинството Руси ја поддржуваат војната против Украина. Нивното право да ги преминат меѓународните граници треба да им биде одземено додека не научат да почитуваат“, напиша Кулеба на Твитер.

Претходно, Зеленски ги повика западните земји да го забранат влезот на сите Руси на една година, за, како што рече, да ја спречат Русија да анектира повеќе украинска територија.

Во интервју за Вашингтон пост, Зеленски рече дека најважните санкции се затворањето на границите затоа што „Русите земаат туѓа земја“. Тој додаде дека „Русите треба да живеат во свој свет додека не ја променат својата филозофија“.

Зеленски порача и дека таа мерка треба да важи и за руските државјани кои ја напуштиле земјата. Според него, одговорноста за нападот врз Украина е на „целото население на Русија“.

На повикот на Зеленски подоцна се придружија и Финска и Естонија. Тие повикаа европските држави да не им издаваат туристички визи на Русите, со образложение дека не треба да им биде овозможено да летуваат во европските летувалишта додека руската армија ја напаѓа Украина.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„Посетата на Европа е привилегија, а не човеково право“, напиша на Твитер естонската премиерка Каја Калас, додавајќи дека е време да бидат запрени туристите од Русија. Финската премиерка Сана Марин, пак, изјави за финските медиуми дека не е во ред Русија да врши агресија на европско тло, а истовремено Русите да живеат нормално и да патуваат низ Европа.

Естонија и Финска се членки на ЕУ и се граничат со Русија. ЕУ ги прекина сите летови за Русија, но Русите сѐ уште можат да влезат во тие земји по копнен пат, а потоа авионски да патуваат низ Европа.

Според неодамнешните анкети спроведени од руски медиуми, 65% од Русите би поддржале мировен договор со Украина доколку биде предложен од рускиот претседател Владимир Путин. Според резултатите од анкета на Руската социолошка агенција, пак, 60 проценти од граѓаните би го поддржале Путин во случај да одлучи повторно да го нападне Киев, а повеќе од половината испитаници изјавиле дека би биле за продолжување на конфликтот. Податоците од анкетите покажуваат дека 59 отсто од Русите веруваат дека таканаречената воена операција трае предолго, додека 28 проценти од анкетираните не се согласуваат со тоа. Околу 30 отсто од испитаниците оцениле дека војната ќе трае уште една година.

Извор: МИА

- Реклама -