Украдена медицинска опрема од Македонија завршила на Косово, ја купил сопственик на поликлиника тесно поврзан со ДУИ

Косовската полиција спречила украдена медицинска опрема од македонски болници да заврши во косовската поликлиника „Авицена КС“ (која го дели името, но не е поврзана со македонската лабораторија „Авицена“), во сопственост на македонскиот бизнисмен Дритон Шуки, објави „Радио Слободна Европа“.

Според соопштението на косовската полиција на 17 ноември, 47-годишниот Шуки бил сослушан за случајот, а против него е инициран предмет за купување, набавка, прифаќање или прикривање на предмети прибавени со сторено кривично дело.

Според косовските медиуми, станува збор за опрема вредна 45 илјади евра која бизнисменот наводно ја купил за 10 илјади евра, а во случајот е вклучен и Интерпол.

Бизнисменот, меѓутоа, ја демантираше полицијата со изјава дека бил повикан како сведок, а не како осомничен. Според него, случајот има за цел да го наруши неговиот имиџ.

Дритон Шуки, посочува „Радио Слободна Европа“, има свој бизнис и во Косово и во Македонија, а поврзан е и со политичари од двете земји; Во Косово индиректно со премиерот Албин Курти, а во Македонија директно со владејачката ДУИ, што може да се види и од фотографиите што тој ги објавува на социјалните мрежи, како таа со лидерот на партијата Али Ахмети во февруари (на која Шуки напишал: „Со командантот“), или оние со поранешниот и актуелниот градоначалник на Чаир – Изет Меџити и Висар Ганиу, на 30 и 31 октомври 2021, пред и на денот по гласањето за локалните избори.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Уште повеќе, Шуки во декември 2019 година станува член на Централниот одбор на ДУИ. Истата таа година бил и најдарежливиот донатор на партијата, со уплата на контото на ДУИ од законскиот максимум од 75 просечни плати, односно 2 милиони денари (околу 32 илјади евра).

Од друга страна, ова не е првпат косовската полиција да има работа со македонскиот бизнисмен. Имено, во 2020 година, Шуки бил уапсен на косовско-македонската граница поради сомневања дека неговата поликлиника незаконски правела ковид тестирања. Имено, како што наведува „Радио Слободна Европа“, полицијата се сомневала дека косовската „Авицена КС“, која во тој период немала лиценца за ковид тестирања,  земала примероци од косовските граѓани и ги испраќала во македонски лаборатории. При увидот, косовската полиција пронашла и список со имиња на 50 граѓани, вклучувајќи ги и резултатите од нивните тестови за Ковид-19. Повеќе детали во текстот на „РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА“

- Реклама -