Учиме со Гордон Ремзи: Како се прави кокаин (видео)

Кокаин. Како се прави? Кој го прави? Како се одвива процесот? Кои состојки се користат?

Славниот кулинар Гордон Ремзи вика дека ги има одговорите. За да го сними својот документарец – насловен „Gordon Ramsay on Cocaine“, Ремзи замина некаде во колумбиската дивина, каде што се сретна со „пријател“ кој му дозволи лично да присуствува на процесот на производство на дрогата. Со оглед дека типот се прослави со реални шоуа, речиси сме сигурни дека и овде има ствари вметнати чисто for the sake of драма. Ама сепак, ќе му веруваме околу ова главното.

Е па, излегува дека во процесот на производство на кокаин има доста неочекувани етапи за просечниот непознавач. И Гордон Ремзи е подеднакво шокиран. „Сум готвел доста сериозни срања во животов, и сум бил на доста извонредни места, ама ништо не било слично на ова“, коментира тој додека го набљудува процесот.

А процесот почнува со човек што ги сече и меле листовите на коката. Следно, мелените листови се ставаат во голема јама, каде што се одвива обработката. Прво се покриваат со цемент.

Попрскување со цемент.

Потоа смесата се меша со сулфурна киселина растворена во вода. Да, сулфурна киселина – онаа што е страшно корозивна и мораш многу да пазиш кога ракуваш со истата. Во оваа етапа, на Ремзи почнуваат да му солзат очите. „Пријателот“ пак, очигледно навикнат (ја попрскува киселината со голи раце) дури му се потсмева.

Следува мешање, со нозе.

Добиената мешавина потоа се става во буре или сличен голем сад, и ѝ се додава бензин. Да, бензин каков што користат автомобилите. Целта е да се оддели кокаинот од листовите на коката.

Употребата на отрови не престанува тука. Следниот чекор е да се одвои бензинот од кокаинот. Тоа се прави со киселина за акумулатори. Киселината за акумулатори помага да се оддели кокаинската течност. Практично содржината во бурето изгледа вака: главниот дел е вода, над неа плива бензинот, а тие 10% под неа се чистата „кокаинска вода“.

„Готвачот“ ја пресипува кокаинската течност во посебен сад со помош на истиот метод што би го користеле за да претурите бензин од еден резервоар во друг – со шмукање и црево што оди до дното на бурето.

Потоа на чистиот течен кокаин му се додава сода бикарбона, за да се отстранат хемикалиите. Потоа смесата се остава да отстои и да се исуши, по што конечно почнува да личи на она што го знаеме како кокаин.

Но има уште работа. Смесата сега треба да се свари, во обид да се отстранат уште повеќе од преостанатите хемикалии. При варењето, течноста станува уште побистра, а на површината се формира слој сличен на кајмак.

Кајмакот, кој „готвачот“ го собира со лажица е оној токсичниот, неквалитетниот дел. Течноста што преостанува, сега уште покристална и слична на сируп, се мачка на тепсија и се остава да се исуши. Баш оваа паста е крајниот производ што го купуваат картелите.

Потоа кокаинот патува насекаде по светот, а купувачите (тие што потоа го препродаваат) го мешаат со разни хемикалии за да го направат погоден за консумација, но и за да му додадат разни „својства“.

Ѕирнете го видеото, нема да се каете. Најинтересниот дел опишан во текстов почнува некаде од 37-ма минута (краток е, без гајле).

https://youtu.be/k6vH2Uhrc-w

- Реклама -