Сите 300 ученици во индиското училиште „Вена Вандини“ пишуваат користејќи ги двете раце истовремено, а најзаслужен за тоа е директорот.
Според истражувањата, убедливото мнозинство пишува со десна рака, 10 проценти пишуваат со лева рака, а само 1 процент е способен тоа да го прави со двете раце.
Учениците во Вена Вандини не само што му припаѓаат на тој 1 процент, туку некои од нив можат да пишуваат и на два различни јазици истовремено.
Основачот на училиштето – поранешен војник (тоа објаснува пар нешта), идејата ја добил кога прочитал во весниците дека првиот претседател на Индија – др. Рајендра Прасад, можел да ги користи двете раце за пишување.
„Тоа ме инспирираше да научам, а подоцна и да ги обучам своите ученици” – вели Шарма.
Те прави ли пишувањето со две раце попаметен?
Самото тоа да пишуваш со двете раце, делува како да се работи за побрза и извонредно напредна работа на мозокот. Оваа премиса ја туркаат и еден куп компании низ светот, кои продаваат книги, лекции, часови и активности по „brain training“, со ветување дека тоа што ќе станеш амбидекстерен (подеднакво да ги користиш левата и десната) ќе те направи побрз во аритметика, подобар на разни други испити, и генерално – ќе те направи попаметен. Некои одат дотаму што ветуваат и подобра меморија, помалку стрес, поостро мислење, подобро расположение, подобар сон, и „многу, многу други“.
„Многу вебсајтови сугерираат дека да се истренираш да ја користиш недоминантната рака може да ‘ја ослободи’ креативноста“, пишува невронаучникот Мо Костанди за The Guardian.
Сепак, експертите се сложуваат дека реалноста е малку покомплицирана.
„Иако е точно дека мозочната структура и функција можат да бидат драматично променети од новите искуства и разните видови на тренинг, прашањето околу тоа колку амбидекстерните вежби ја афектираат мозочната функција е сé уште во голема мера неистражено“, додава тој.
Да, тоа дали ќе ја преферирате левата или десната рака влече мал удел од гените, а останатото е главно на околината (што ја подгрева надежта дека амбидекстерноста може да го промени мозокот). Но, како прво, преференцата за една од рацете останува една од најголемите мистерии на невронауката, а како второ, досега не е најдена поврзаност меѓу амбидекстерноста и мозочната функција.
„Генерално, студиите врз широка популација не покажуваат систематска поврзаност меѓу варијацијата во употребата на рацете и интелигенцијата“, вели проф. Клер Порак од универзитетот Penn State, воедно и автор на „Laterality: Exploring the enigma of left-handedness“.
Тоа што досегашните студии покажуваат, меѓутоа, е дека „шареноракоста“ (mixed-handedness) – како што некои ја нарекуваат – може да има контра-ефект. Во дел од студиите се покажува поврзаност меѓу шареноракоста и пониското ниво на когнитивни перформанси, за разлика од кај луѓето кои се конзистентни во пишувањето/употребата на лева или десна.