Испадна дека безбедносните камери на аеродромот во Куала Лумпур го регистрирале нападот врз полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун. Снимката е објавена од јапонската телевизија Фуџи ТВ.
На видеото, од два различни агла, се гледа жена која застанува зад жртвата и му го фаќа лицето со двете раце, а потоа заминува. Друга жена, исто така, по нападот брзо се одалечува во друг правец, но не се знае дали и таа учествува во истиот.
Потоа се гледа како крупниот, ќелав маж, на средна возраст, се препнува и се брише, а подоцна и им приоѓа на случајни минувачи (?) покажувајќи им го лицето. На крајот се обраќа и до обезбедувањето, по што е однесен до медицински пункт.
Вчера, на прес-конференцијата, полицијата соопшти дека нападнатиот им се пожалил на цариниците на аеродромот дека две жени му го допреле лицето со крпа со некаква течност.
Убиството на Ким Јонг-нам предизвика дипломатски недоразбирања меѓу Малезија и Северна Кореја, која настојува да не се врши аутопсија, а телото да ѝ биде предадено. Малезиското Министерство за здравство, пак, соопшти дека аутопсијата е нормална процедура и резултатите од неа ќе бидат готови веројатно до 22 февруари.
Полицијата истакна дека четворица осомничени Севернокорејци ја напуштиле Малезија на денот на нападот, но не соопшти повеќе детали. Според медиумите, тие се вратиле во Пјонгјанг преку Џакарта, Дубаи и Владивосток.
Јужнокорејските власти сметаат дека „убиството на Ким Јонг-нам е терористички акт, со кој се демонстрира жестокоста на режимот во Северна Кореја“.
МИА