Во ера на социјални мрежи, каде сите порано или подоцна си ги покажуваме маните, лесно е да изгубиш верба во човештвото. Но од друга страна, истите тие социјални мрежи направија и убавите гестови да не поминуваат незабележани. Кога еден ден ќе ни здосадат овие првиве, ќе почнат да доминираат овие вториве. И ќе повлечат и други да постапуваат правилно.
Оптимизмов погоре ни го инспирираше приказната пренесена преку Фејсбук од еден од очевидците. Ја пренесуваме во целост:
„Петок, некаде околу 17 часот, во 15ка, автобус на ЈСП…
Ќе се зачудиш ли ако шоферот излезе од автобусот откако сите патници влегле?
Некаде по булеварот, покрај една од автобуските постојки минува девојка на велосипед со корпа напред, од која паѓа ракавица. И ете, за изненадување шоферот излезе на постојката, ја зеде ракавицата и влегувајќи ко да се правдаше:
– Ќе и ја дадам ако ја минеме некаде.
И навистина. Ѝ ја даде. Ја мина по неколку постојки кога веќе таа кутрата сфатила дека ја нема и пребаруваше по корпата.
– Греота е, и јас возам велосипед, знам, ќе ѝ замрзнат рацете.
Да си ја наполниш душата од ваквите луѓе. Да ти е мерак да запознаеш понекогаш ко за промена некој таков.
Ракувајќи се со него го прашав за име.
Големите луѓе, се големи во срцата.
Заслужуваат да им се спушти капа.
Те поздравувам добар човеку!
За Иле Анчевски. За возачот на ЈСП.
Споделете“, порачува постот.