Како што пишува Вокс њуз, во моментот на апсењето Мета се наоѓал во близина на трговскиот центар „Каса Италија“ во Тирана
По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), попладнево е уапсен Илир Мета, поранешен албански претседател и актуелен лидер на опозициската Партија на слободата, јавуваат албанските медиуми.
Како што пишува Вокс њуз, во моментот на апсењето Мета се наоѓал во близина на трговскиот центар „Каса Италија“ во Тирана.
Мета е обвинет за перење пари, корупција и непријавување имот. Тој неколкупати се појавуваше во СПАК на распит за случајот ЧЕЗ-ДИА. Станува збор за сериозен корупциски скандал во кој е вмешан еден од неговите блиски соработници и измама за наплата на долгот на ЧЕЗ, чешка енергетска компанија која работела во Албанија за време на владата на Сали Бериша, а ја приватизира албанската електродистрибуција, договор кој потоа беше раскинат. И во 2022 година Мета беше пријавен во СПАК од страна на поранешниот пратеник Халит Валтери.
Мета и неговата сопруга Моника Круемади, кои се во фаза на развод, исто така се под финансиска истрага, како и во врска со прашањето за лобирање во САД.
Мета (55) беше шеф на албанската држава во периодот од 24 јули 2017 до 24 јули 2022 година.