Еден од обвинетите во случајот „Тврдина – таргет“ врз основа на признание на вина е осуден на условна казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не направи друго кривично дело.
Лицето е осудено за делото „Помагање на сторител во извршено кривично дело“. Обвинетиот барал раздвојување на постапката со цел побрзо завршување, економичност и целисходност.
Од СЈО, не го откриваат идентитетот на обвинетиот на негово барање. Единство што може да се каже е дека лицето било одговорно за бришење на логови од системите за прислушување, што го потврди и експертот од компанијата „Ериксон“.
СЈО го поддржува секој придонес за утврдување на фактичката состојба и од таму се надеваат дека ова признание на вина ќе придонесе за целосно расветлување на обвинението кое се однесува на начинот на кој се спроведувало масовното прислушување во УБК, како и уништувањето на опремата за прислушување.
Во овој предмет обвинети се и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Понатаму, за овој предмет обвинети се и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка Гордана Јанкулоска и уште осум лица.